Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против М.Б., претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), поради постоење на основи за сомнение за „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Како што информираат од Управата, пријавениот М.Б. во својство на претседател на РКЕ ја злоупотребил својата службена положба. Имено, и покрај законската обврска да отпочне постапка за одземање лиценца за вршење на енергетска дејност на правното лице Тритерол Петрол ДООЕЛ Скопје, тој донел незаконско решение за прекин на постапката.
Лиценцата, која требало да биде одземена на 15 јануари 2024 година, всушност била одземена дури на 14 април 2025 година, што ѝ овозможило на компанијата да продолжи со вршење на енергетска дејност 15 месеци по истекот на законските услови и да учествува во јавни набавки.
Според Финансиската полиција, со овие дејствија пријавениот ги повредил прописите кои бил должен да ги спроведува и им овозможил на Тритерол Петрол да оствари вкупен промет од 194.520.962 денари, со противправна имотна корист од 14.093.576 денари.
Кривичната пријава е доставена до Основното јавно обвинителство Скопје, а случајот ќе се разгледува според законските процедури за злоупотреба на службена положба и овластување.












