МВР поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување против професорот Љубомир Фрчкоски и уште три други лица. Според МВР, тој, како шеф на постојаната мисија во Обединетите нации, потрошил 58.721 долари од продажбата на југословенско дипломатско претставништво во Њујорк.
– На 12.5.2025, Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за спречување организиран и сериозен криминал поднесе до ОЈО Скопје кривична пријава против Љ.Д.Ф. (67), К.Г. (37), Ј.И. (64) и И.С. (41), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 од КЗ. Пријавениот Љ.Д.Ф., во својство на службено лице, шеф на Постојаната мисија на РСМ при ООН во Њујорк, во периодот од април 2022 година до октомври 2024 година ја злоупотребил својата службена положба и овластување на тој начин што постапил спротивно на инструкција од Министерството за надворешни работи и на мислење од Министерството за финансии. Љ.Д.Ф. од уплатените парични средства во вкупен износ од 3.998.721,72 американски долари на сметката на ПМ на РСМ при ООН во Њујорк, во однос на заедничката продажба на сукцесиски објект на СФРЈ во Њујорк, на сметка на буџетот на РСМ уплатил парични средства во износ од 3.940.000,00 американски долари, односно преостанатите парични средства на сметката на ПМ на РСМ во Њујорк во износ од 58.721,72 американски долари од продажбата на сукцесискиот имот не ги уплатил на сметка на буџетот на РСМ. Овие средства незаконски и ненаменски ги потрошил и постапил спротивно на Правилникот за финансиско и материјално работење, Упатството за водење на финансиското и материјалното работење, Правилникот за плата, додатоци на плата и надоместоци на определени трошоци и интерната процедура за начинот и постапката на планирање, спроведување и реализација на јавните набавки – објави МВР.
Според пријавата, Фрчкоски ненаменски и незаконски користел и земени аванси за службен пат, помалку вратен депозит за резиденцијата на амбасадорот, пречекорувања на дозволениот износ за мобилен телефон, како и неоправдани и дупли плаќања на одредени сметки за телефон и друго. Како што е соопштено, тој причинил материјална штета во износ од 57.855,18 американски долари. Другите три лица противзаконски му исплаќале парични средства од благајната на Фрчкоски и не ги евидентирале неправилностите направени од пријавениот.
Осомничениот ексамбасадор, пак, вели дека кривичната пријава е срамен притисок врз критичарите на власта.
– По голема пауза на проценка дали ќе молчи професорот или ќе ја критикува власта за погубните политики, МНР, сепак, одлучило да изврши притисок со појава на комична и полна неточности кривична пријава за целата екипа на Амбасадата на НРМ во Њујорк, со цел ширење страв и замолчување – пишува во реакцијата на Фрчкоски.
Тој тврди дека обвинението е неосновано и дека работел според овластувањата како амбасадор.