Крива Паланка ја добива првата монтажна катна гаража

35

Со монтажна катна гаража со нови 166 паркинг-места, која почна да се гради, Крива Паланка го решава проблемот со паркирањето.

– Го трасираме јасно патот кон решавање на еден од најголемите и најдолготрајни урбани предизвици во нашиот град: проблемот со паркирањето. Ова не е само инфраструктурен зафат. Овој проект е дел од нашата поширока визија: да изградиме уреден, функционален, одржлив и модерен град. Да обезбедиме јавен простор што им одговара на потребите на нашите сограѓани и посетители и да создадеме урбан простор што нуди ред, достапност и сигурност – вели градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Во рамките на проектот ќе се изврши целосна реорганизација на просторот околу градскиот пазар, со нов, современ концепт. Ќе се добие мултифункционален простор, уреден и достапен за сите граѓани, со катна гаража и покриен зелен пазар.

– Овој проект ќе се реализира со средства од Општина Крива Паланка, за кофинансирање и со дотации од Владата и од Министерството за транспорт, за што сме благодарни. Вкупната сума на овој проект изнесува 67 милиони денари, за заокружување на оваа прва фаза – вели Митовски.

Со катната гаража ќе стопанисува Јавното претпријатие „Калин Камен“, кое првпат ќе управува со ваков објект. Истовремено, самото јавно претпријатие е целосно подготвено и за спроведување на системот за зонско паркирање во централното градско подрачје, за што се исполнети сите технички и административни предуслови.

– Дополнително, веќе е изработен проект за фотоволтаичен систем, со моќност од еден мега-ват, кој ќе биде поставен на покривот на гаражата. Продолжуваме да бараме финансиски модели и начини за негова реализација, затоа што не градиме само инфраструктура со која решаваме проблем туку  водиме и сметка за енергетската ефикасност и одржливост. Планирана е и втора фаза од проектот за катна гаража, која ќе обезбеди 53 нови паркинг-места, а Општината веќе активно работи на обезбедување средства за реализација и на оваа фаза – вели Митовски.

ИЗДВОЕНИ