Пораките од годинашната Минхенска безбедносна конференција ја отворија дилемата за критериумите и за динамиката на проширувањето. Додека европската перспектива на Украина се става во силен безбедносен и геополитички контекст, македонските власти предупредуваат дека процесот мора да остане предвидлив и заснован на јасни правила што важат еднакво за сите кандидати. Разликата во тонот и во итноста на пораките од Минхен повторно го наметна прашањето дали ЕУ применува унифицирани стандарди или пристапот се приспособува според актуелните безбедносни околности.
На маргините на Минхенска безбедносна конференција годинава доминираше ставот дека европската перспектива на Украина добива забрзана политичка поддршка, пред сѐ, поради безбедносните импликации од војната и потребата Европската Унија геостратешки да го зацврсти источниот фронт. Повеќе соговорници посочија дека процесот на пристапување за Киев се третира и како инструмент за стабилизација на континентот и порака за одвраќање, при што безбедносниот контекст силно влијае врз динамиката на интеграцијата. Во таа насока, беше нагласено дека проширувањето кон Украина денес не се гледа само низ класичните копенхашки критериуми, туку и како дел од пошироката стратегија за европска безбедност и отпорност.
– Ни треба датум, инаку Русија ќе се обиде да нè блокира – директно или можеби преку други земји. Украина мора да биде спремна технички да се приклучи (во ЕУ) во 2027, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски, на прес-конференција во Минхен, повикувајќи на конкретен рок за пристапување на Украина во Европската Унија.
Европската комесарка за проширување, Марта Кос, на прашањето дали Украина може да стане членка на ЕУ до 2027 година, рече дека „врз основа на сегашната методологија, приклучувањето на Украина до јануари 2027 не е можно“, но додаде дека се разгледуваат опции.
– Не можеме повеќе да чекаме, и веќе дискутираме за тоа, рече Кос.
Безбедносниот аналитичар, Милан Стефановски, за весникот ВЕЧЕР, нагласи дека ако Украина е проектирана како земја кандидат за полноправно членство до 2027 без никакви критериуми, тогаш Македонија, со исполнети критериуми од Копенхаген, треба да биде членка на ЕУ уште вчера. Според него, заклучоците од Минхенската безбедносна конференција во овој момент се дека Европа е принудена да го бара своето место на светската геополитичка сцена, бидејќи досегашниот релативно удобен безбедносен американски штит веќе не е толку цврст.

– Европа и САД заедно, но под услови кои ќе ги диктираат САД. Македонија засега многу добро успева балансирано да се позиционира во овие тектонски поместувања помеѓу САД и ЕУ. И, двата наши стратешки партнери ни се потребни во нашата иднина. Она што САД го бара од ЕУ е и принципиелноста за да се врати на глобалната цена со јасни правила. Оттаму, ако Украина е проектирана како земја кандидат за полноправно членство до 2027 без никакви критериуми, тогаш Македонија, со исполнети критериуми од Копенхаген, треба да биде членка на ЕУ уште вчера. Ако геополитиката го има последниот збор пред критериумите, Западниот Балкан не е ништо помалку ризичен од некоја идна Украина заради малигното влијание на Русија и Кина на овие простори, во кои сè уште лебдат нерешени територијални прашања, вели Стефановски во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој изминатиот викенд ја предводеше македонската делегација на Минхенската безбедносна конференција, порача дека за Македонија, членството во рамките на Европската Унија не е милост, туку нешто што одамна го заслужила. Мицкоски во интервју за јавниот сервис истакна дека Владата се бори да укаже на неправдите низ кои поминала земјава во евроинтегративниот процес.
–Да укажеме на сите, би рекол, неправилности, да укажеме на сета неправда што нам ни е нанесена, и како народ, и како држава, но во исто време, да нагласиме дека суштината е да не се урнат имиџот и кредибилитетот на самата Европска Унија. Имаме чувство, и македонските граѓани чувствуваат фрустрација и имаат чувство дека некој од самата Европска Унија, не однадвор, туку однатре, како да сака да го уништи тој имиџ и тој кредибилитет. Секаде каде што одиме, каде што се бориме и каде што ја зборуваме македонската приказна. Таа е тажна, таа е полна со предизвици, но да знаете дека Македонија секогаш победува. Така ќе биде и во овој случај. Колку и да треба време, ние ќе се бориме и ќе сме трпеливи, рече Мицкоски.
Во обраќање на конференцијата, Мицкоски ги претстави позициите на земјава за проширувањето на Европската Унија и порача дека на Македонија и на регионот „не им треба процес без крај, туку заслужена и предвидлива европска иднина“. Според македонскиот премиер, време е реформите и трудот на македонските граѓани да бидат соодветно вреднувани.
Коментирајќи ја годинашната конференција, Мицкоски оцени дека пораките од американската страна годинава биле помеки во однос на минатата година, но, како што рече, суштината е иста. Заклучокот, според него, е дека Европа и Америка се партнери и пријатели, но „мора да се знае кој какви одговорности има во тоа партнерство и пријателство“.
– Минатата година можеби пораките беа подиректни, оваа година беа во позавиена форма, кога зборуваме за пораките кои доаѓаат од Соединетите Американски Држави, но суштината е иста. Суштината е иста, мора да се знае кој каква одговорност има и визави одговорноста, кој ги владее придобивките од таа одговорност, изјави Мицкоски.
Мицкоски во Минхен оствари средби со холандскиот премиер Дик Схоф, со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, со украинскиот претседател, Володимир Зеленски, со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД, Доналд Трамп, за специјални мисии, со претседателот за глобални прашања и кораководител на Глобалниот институт, Голдман Сакс Џаред Коен и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет. (В. С. Н.)












