Американската космонаутка, Кристина Кох, стана првата жена што тргна на патување кон Месечината, како членка на историската мисија „Артемис 2“. Кох, заедно со остатокот од четиричлениот екипаж, веќе е во лунарната орбита, ја обиколува Месечината и патува најдалеку досега. Заедно со нив на долгиот пат е и популарен чоколаден крем, кој појавувајќи се во гро план во една од снимките од леталото „Орион“ ја доби најдобрата бесплатна реклама.
Космонаутката Кох не е непозната во вселенскиот свет. За време на својата кариера во НАСА, таа го постави рекордот за најдолг континуиран престој на жена во вселената – 328 дена на Меѓународната вселенска станица. Таа, исто така, учествуваше во првата вселенска прошетка составена само од жени, правејќи историја уште тогаш. Сепак, мисијата „Артемис 2“ ја носи нејзината кариера на сосема ново ниво. Таа ќе стане првата жена што ја напуштила ниската Земјина орбита и патувала толку далеку во вселената, отворајќи ја вратата за идните генерации жени космонаути.
Сепак, таа не е првата жена што патувала во вселената. Приматот го има Русинката Валентина Терешкова, која патуваше во обиколка на Земјата, сосема сама, уште во далечната 1963 година, во мисијата „Восток 3“. Со своите 26 години, колку што имала тогаш, таа сè уште е најмладата жена што летала во вселената, според меѓународната дефиниција за надморска височина од 100 километри, и најмладата жена што летала во Земјината орбита, за три дена обиколувајќи ја Земјата 48 пати.
Во споредба со руската вселенска програма „Восток“ и американската „Аполо“, која последен пат испрати летало до Месечината пред половина век, актуелната мисија „Артемис 2“ претставува не само технолошки напредок туку и уште еднаш потврдува дека вселената не е резервирана за мажите и дека жените ги поместуваат границите.
Оваа мисија се реализира во тешко време на науката во САД. Откако се врати на власт, американскиот претседател, Доналд Трамп, зазеде цврст став кон научниот сектор, намалувајќи го финансирањето, откажувајќи проекти и драстично намалувајќи го персоналот. Мисијата на НАСА, која орбитира околу Месечината првпат по половина век и подалеку во вселената од кога било досега, токму затоа е здив на свеж воздух за научниците. Според истражувачката на НАСА, Аманда Нам, во таков контекст, успешното лансирање на вселенското летало и извршувањето на мисијата се „вистински поттик за моралот“.












