
Кристијано Роналдо (40) ќе остане во Ал Наср и во следните две сезони, а на тој начин стави крај на сите шпекулации кога е во прашање неговата клупска иднина. Португалецот ќе го носи дресот на клубот од Саудиска Арабија до 2027 година, што значи дека ќе го гледаме на големата сцена уште најмалку две години, иако веќе влезе во петтата деценија од животот.
Откако одлучи да ја продолжи кариерата во С.Арабија, Роналдо даде интервју за клупската телевизија.
Во претходно споменатото интервју, тој даде неколку интересни изјави кои веднаш беа објавени од светските медиуми.
Португалецот со сериозен тон изјави дека лигата на Саудиска Арабија е меѓу петте најдобри во светот.
„Верувам 100% дека веќе сме меѓу петте најдобри лиги во светот. Секој што вели поинаку не разбира ништо од фудбал“, изјави Роналдо и продолжи:
„Сакам да останам тука, верувам во проектот што ќе нè однесе до 2034 година и Светското првенство во Саудиска Арабија.“
И покрај бројните понуди добиени во текот на летото од клубови како Видад Казабланка и Ривер Плата за учество на Светското клупско првенство со краткорочни договори, Роналдо ги отфрли сите предлози.
Тој одлучи да остане во Ал Наср до 2027 година, и секако сето тоа ќе биде заокружено со богат договор.
Роналдо потпиша нов договор со Ал Наср кој вреди 570 илјади евра дневно, така барем тврдат новинарите од „The Sun“.
Покрај тоа, Кристијано и неговата сопруга Џорџина ќе добијат и посебни услови за живот во Саудиска Арабија.