Спотот за „Двојна прегратка“ е снимен во Македонија на археолошкиот локалитет Куклици ! Албумот им го посветив на моите родители, од лични причини, вели Кики
Кристијан Кики Рахимовски, синот на легендарниот и прерано починатиот Аки Рахимовски пејачот на легендарниот „Парни ваљак“, деновиве во Македонија сними нов спот, за песната од новиот албум „Двојна прегратка“. На тој начин Кики им се враќа на своите македонски корени! Спотот се снимаше во амбиентот на живописниот археолошки локалитет Куклици (Кратовско, од десната страна на Крива Река). Самото место според легендата ја крие приказната за скаменета свадбена веселба, за младоженците Стојан и Стојна.
Во живописниот спот, кој го потпишува видеопродукцијата на маестро Александар Ристовски Принц, освен Кристијан се појавува и една фатална девојка. Станува збор за убавата манекенка Мила Драговиќ, која е дел од модната агенција Моделс-ин, чиј мистичен изглед на ова видео му ја дава интригантност и делумна тајновитост. Покрај овие, во видеото ги гледаме и Саша Драгиќ, како и тапанарот на многу познатиот македонски бенд Бело копче – Tribute to Bijelo dugme.Спотот за „Двојна прегратка“ е сега во фаза на монтажа. Обожавателите на Рахимовски ќе можат да го видат со објавувањето на истоименото цеде, кое официјално ќе излезе на 19 мај. Инаку, зборувајќи за новиот албум кој содржи десет песни кои имаат музички приказни за љубовта, Кристијан Кики Рахимовски меѓу другото истакнува:
– Овој албум им го посветив на моите родители, од лични причини. Веќе не сум дете во физичка форма, но ја задржав таа доза на момчешка разиграност и несмасност, љубопитност за тоа каде ме однесе музиката. Уживам во тоа на мој начин. Имам дваесетгодишна музичка кариера полна со подеми и падови и сето тоа ме изгради и ме направи посилен. Одамна сфатив дека животот не е трка, туку маратон во кој треба многу да научам.
Зошто албумот го нареков „Двојна прегратка“? Поради тоа што двојна прегратка е во љубовта, првата е нежна, а втората не го испушта саканиот. Двојната прегратка може да значи многу. Луѓето раскинуваат, а потоа се смируваат преку прегратките. Прегратката е допир на телото. Најмоќното оружје на љубовта. Затоа е двојна, објаснува распеаниот Кики Рахимовски. (Д.М.) фото:архива