Како гром од ведро небо пред една недела одекна информацијата за отказот на Кристијан Хорнер од редовите на Ред бул и сега познавачите на Формула 1 го посочија виновникот за таквото сценарио.
И додека вистинската причина за ненадејното отпуштање на Кристијан Хорнер, кој беше на чело на Ред бул, сè уште не е официјално позната, сè повеќе луѓе сметаат дека „тимот на Верстапен“ одиграл клучна улога.
Холандскиот возач Макс Верстапен го предводи Ред бул на патеката речиси една деценија, изградувајќи силна мрежа на поддршка околу себе: од татко му Јос, преку менаџерот Рејмонд Вермелен, па сè до човекот во сенка, Хелмут Марко.
Заедно, тие создадоа не само шампионски тим туку и политичка сила во гаражата.
Поранешниот возач на Ф1 и сегашен аналитичар на „Скај спортс“, Карун Чандхок, верува дека оваа сила е коренот на падот на Хорнер.
- Размислував за тоа и за сè што се случи и ако ги погледнете последниве неколку години, Ред бул стана тим со еден возач, нели? Откако си замина Даниел Рикардо, начинот на кој е дизајниран болидот и начинот на кој е поставена тимската структура се вртат околу Макс Верстапен и тој табор. На крајот, тоа е она што доведе до падот на Хорнер, бидејќи тимот „Верстапен“ доби непропорционална моќ – изјави Чандхок во поткастот на „Скај спортс Ф1“.
Чандхок истакнува дека Ред бул, во суштина, се претворил во проект на еден човек.
- Ако сте дел од пошироката група на Ред бул, веројатно, ја разгледувате ситуацијата и се прашувате: „Добро, Макс е на пол-позицијата во Силверстон, победи на две трки оваа сезона… но другата страна од гаражата не постои. Тоа префрли огромен дел од моќта во таборот на Макс. Ако си заминеше сега, Ред бул ќе беше четвртиот или петтиот најдобар тим на стартната линија – додава Британецот.
Според него, Хорнер е тој што ја носи најголемата одговорност.
- На крајот, Кристијан мора да го понесе товарот на таа одлука. Тој го водеше тимот во таа насока. Можеби беше случајно, но вистината е дека тој е оној што ја донесе таа структура. Тој му даде премногу моќ на Верстапен и се прашувам дали последицата е ова што се случи сега – порача новинарот.
Инаку, Хорнер го водеше Ред бул повеќе од две децении и освои осум титули во конкуренцијата на возачи и шест титули во конкуренцијата на конструктори. Но, токму неговата лојалност кон Верстапен, како што се чини сега, би можела да биде причината за неговото заминување.
Ред Бул моментално се соочува со огромни внатрешни превирања: отпуштање, шпекулации и потенцијално заминување на Макс Верстапен веќе во 2026 година.