Криминалните групи од Балканот го шират своето влијание во Африка

Сојузот со бразилската криминална група ја претвора Западна Африка во клучна точка во европскиот синџир на кокаин

44

Криминалните групи од Западен Балкан, кои се меѓу најголемите шверцери на кокаин во Европа, го зајакнуваат своето присуство во Западна Африка, се вели во еден извештај, што е знак за растечкото значење на регионот на шверцерскиот пат од Латинска Америка до Европската Унија (ЕУ).

Зголемената побарувачка за кокаин во Европа, во комбинација со посилно спроведување на законот по директните патишта од Латинска Америка и значителното проширување на морските пристаништа во Западна Африка, веќе неколку години ги охрабруваат шверцерите да ја интензивираат својата трговија преку Сенегал, Сиера Леоне, Гамбија, Гвинеја-Бисао и Зелено’ртските Острови, објави Ројтерс.

Меѓутоа, влијанието на криминалните мрежи што зборуваат албански и словенски јазици во регионот досега било недоволно сфатено, наведе британската агенција.

Истражувачите од Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (GI-TOC) во извештај објавен вчера наведоа дека глобалното значење на овие групи значително пораснало и дека тие се меѓу најголемите криминални мрежи во европската трговија со кокаин.

Овие групи ги искористија регионалните сојузи со холандските криминални групи и, особено, бразилската PCC (Primeiro Comando da Capital), за да го зајакнат своето влијание во синџирот на снабдување.

„Овој сојуз, меѓу групи од Западен Балкан и PCC, е веројатно сега најважниот сојуз за внесување кокаин во Европа“, истакна Саша Ѓорѓевиќ, еден од коавторите и виш аналитичар во GI-TOC.

Извештајот, кој делумно беше спонзориран од британската влада, вели дека е потребна поголема соработка меѓу агенциите за спроведување на законот, пристанишните власти и другите актери меѓу земјите на различни континенти за сузбивање на патиштата на дрога.

Исто така, се повикува на поголемо собирање податоци и попрецизно таргетирање на посредниците во трговијата.

„Овие групи се меѓу најсофистицираните групи на организиран криминал во светот – тие не се споредни играчи“, рече Лусија Берд Руиз-Бенитез де Луго, директорка на Опсерваторијата GI-TOC за илегални економии во Западна Африка.

„Овие големи глобални играчи се поврзани со насилството во Европа, и како што гледаме се повеќе од овие многу софистицирани, многу насилни мрежи на организиран криминал кои се шират во Западна Африка, тоа е закана за населението од гледна точка на стабилноста и насилството“, додаде таа.

ИЗДВОЕНИ