Македонските и регионалните професионални возачи ќе можат да влегуваат во Шенген-зоната без да им се бројат деновите за престој. Оваа одлука следува по средбата на високо ниво меѓу ресорните министри од Западен Балкан и претставниците на Европската комисија. Владата и ЕК ветуваат трајни решенија за транспортниот сектор и непречена работа на компаниите во меѓународниот патен сообраќај

Убава вест пристигна денеска од Брисел за македонските професионални возачи: Европската комисија планира да овозможи влез во Шенген-зоната без да се бројат деновите за престој на професионалните возачи од земјите од Западен Балкан што не се членки на Шенген.
Македонските превозници го поздравуваат овој чекор како долгоочекуван и важен за непречено извршување на работните обврски во земјите на ЕУ.
– Го поздравуваме размислувањето на Европската комисија професионалните возачи од Македонија и од другите земји од Западен Балкан да се изедначат со екипажите во железничкиот, бродскиот и во воздушниот сообраќај. Тоа е нешто што најлесно би се спровело и не би ги оптоварило превозниците со вадење мултивизи, како што беше претходно најавувано. Тоа значи дека професионалните возачи ќе можат да влегуваат во Шенген-зоната без да им се бројат деновите – изјави за весникот ВЕЧЕР Билјана Муратовска, генерален секретар на асоцијацијата „Макамтранс“.
Таа истакна дека се очекува наскоро да заврши процесот, а во меѓувреме Европската комисија да даде насоки до земјите членки на Шенген да не ги казнуваат возачите ако ненамерно ги надминат деновите за престој. Со ова продолжува да важи системот за регистрација на влез и излез (EES) за патниците од земјите надвор од Шенген, односно не воведува нови правила за престој.
Оваа одлука следуваше по средбата на високо ниво што ја одржаа заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков, со претставниците на Европската комисија, вклучувајќи ја и директорката на Директоратот за проширување, Валентина Суперти. На состанокот учествуваа и ресорните министри за транспорт, внатрешни работи и евроинтеграции на Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и на Албанија.
На средбата се разговарало за проблемите со кои се соочуваат транспортерите при работата во земјите на Шенген-зоната и за изнаоѓањето долгорочни решенија. Николоски ја поздрави иницијативата на Европската комисија и истакна дека е неопходно да се обезбеди соодветно решение за овие работници, со цел непречено извршување на работните обврски.
– Европската комисија треба реално да го идентификува проблемот и да преземе мерки што ќе овозможат предвидливост и непречена работа на транспортните компании – додаде тој.
Претставниците на Европската комисија ја потврдија новата визна стратегија на ЕУ, во која превозниците се признаваат како професионалци, и најавија дека се разгледува можноста да се третира оваа категорија работници исто како пилотите и машиновозачите. Исто така, беше договорено да се одложи воведувањето биометриска евиденција преку електронскиот систем за влез и излез, од април до септември 2026 година.
Во меѓувреме, ќе се формира работна група на експертско ниво што ќе ги материјализира заклучоците од денешниот состанок. Европската комисија истакна дека транспортниот сектор е од голема важност и дека е целосно посветена на изнаоѓањето трајно прифатливо решение за сите засегнати страни. Владата веќе изрази целосна поддршка на превозниците и ги презема сите мерки за непречена работа во рамките на меѓународниот патен сообраќај.
Прашањето за предизвиците на превозниците беше актуализирано по минатонеделната блокада на граничните премини кон Шенген-зоната од страна на камионџиите во регионот. Потоа се одржа средба меѓу претставниците на Европската комисија и амбасадорите на шесте земји од Западен Балкан во ЕУ. Портпаролот на ЕК за внатрешни работи, Маркус Ламерт, во петокот изјави дека Комисијата е свесна за загриженоста на транспортните оператори и внимателно ја следи ситуацијата.
– Свесни сме за загриженоста што ја изразија транспортните оператори од Западен Балкан. Внимателно ја следиме ситуацијата и сме во контакт со нашите партнери во регионот – рече Ламерт.
Тој нагласи дека стратегијата за визите предвидува тесна соработка со земјите членки за идентификување прагматични решенија, кои ќе овозможат безбедност, економска корист за ЕУ и правна јасност за патниците. Исто така, се разгледува воведувањето ново законодавство со специфичен сет правила за продолжен краток престој на ниво на ЕУ, но засега нема точна временска рамка.
Во однос на забелешките на превозниците за ЕЕS-системот, Ламерт нагласи дека тој не воведува нови правила за престој, туку правилата на Шенген-зоната остануваат исти: граѓаните на земјите ослободени од визен режим можат да останат до 90 дена во кој било период од 180 дена, а за долг престој, потребна е соодветна виза или дозвола.
Сведоштвата од терен покажуваат дека пречекорувањето на овие правила може да има сериозни последици. Српски „Курир“ пренесува искуства на граѓани што добиле депортација, забрани и казни за престој над 90 дена. Тамошните правници велат дека санкциите зависат од должината на пречекорувањето: неколку дена над дозволениот период може да значат само опомена или парична казна, но подолг престој може да доведе до забрана за влез од шест месеци до 10 години.
Тие советуваат дека лицата што се сомневаат дека се евидентирани во шенгенскиот информациски систем можат да проверат официјално кај надлежните органи на земјите членки и да добијат потврда за статусот, траењето и за причината за евентуалната забрана.
Со новите предлози на Европската комисија, професионалните возачи од Македонија и од Западен Балкан се чекор поблиску до решавање на долготрајниот проблем со престој во Шенген-зоната. Оваа иницијатива ветува предвидливост, непречена работа на транспортните компании и дополнителна економска сигурност за регионот, додека истовремено ги почитува правилата и безбедносните стандарди на Европската Унија.
ЕУ ГО ОДЛОЖИ ЕЕС-СИСТЕМОТ ЗА СЕПТЕМВРИ 2026 ГОДИНА – И летово печат во пасош наместо биометриска идентификација
Целосното спроведување на системот за влез и излез (EES) на ЕУ е официјално одложено од април за септември 2026 година. Европската комисија ја донесе оваа одлука по стравувањето дека воведувањето на новиот систем во текот на летната туристичка сезона ќе предизвика сериозен метеж на границите.
Иако постепено почна да се применува овој систем во октомври 2025 година, искуството од аеродромите и од пристаништата веќе покажа сериозни недостатоци. Патниците се соочуваа со долги редици и со пропуштени летови поради обврската за оставање биометриски податоци, што драстично го зголемува времето на чекање.
Според податоците на ACI Europe, времето на обработка на патниците на одредени аеродроми е зголемено и до 70 отсто, а во екстремни случаи се чекало и по три часа. Најкритично беше на аеродромот во Лисабон, каде што беше привремено суспендиран системот во декември, откако чекаа патниците дури седум часа.
Од Европската комисија соопштија дека ова одложување „ќе им овозможи на земјите членки поголема флексибилност“, а во меѓувреме патниците и натаму ќе добиваат печати во пасошите како и досега.
(С. Бл.)












