Кремљ за Томахавките: „Замислете, лета ракета, а ние знаеме дека може да биде нуклеарна“

499
EPA/Jeramy Spivey

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, предупреди дека војната во Украина достигнала „многу драматичен момент“ со ескалација на тензиите од сите страни. „Прашањето со Томахавките е исклучително загрижувачко“, рече тој.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во понеделник изјави дека треба да знае за што ќе ги користат Украинците ракетите пред да се согласи да ги испорача, бидејќи не сака да ја ескалира војната. Но, тој посочи дека „донел одлука“ за ова прашање.

Томахавк е субсонична крстосувачка ракета со долг дострел дизајнирана за прецизни напади. Со дострел од 1.600 до 2.500 километри, таа ќе му овозможи на Киев да достигне цели дури до Сибир.

Путин: Томахавк не можат да се користат без директно американско вклучување

Во меѓувреме, Песков ги истакна она што ги нарече сериозни импликации од овој дострел, истакнувајќи дека некои постари верзии на ракетите се способни да носат нуклеарно оружје.

„Само замислете: ракета со долг дострел е лансирана и лета, а ние знаеме дека може да биде нуклеарна. Што треба да мисли Руската Федерација? Како треба да реагира Русија? Воените експерти во странство треба да го разберат ова“, тврди Песков.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно предупреди дека испораката на овие ракети би значела „нова фаза на ескалација“, тврдејќи дека Томахавките не можат да се користат без директно вклучување на американски воен персонал.

ИЗДВОЕНИ