Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес го осуди еден од најголемите руски напади со беспилотни летала врз Украина, оценувајќи дека Кремљ повторно „се потсмева на дипломатијата и убива неселективно“.
„Вечерва, Русија изврши еден од најголемите напади со беспилотни летала и ракети врз Украина, таргетирајќи владини згради и цивилни домови“, напиша фон дер Лајен на X мрежата, додавајќи дека „Кремљ повторно се потсмева на дипломатијата, го гази меѓународното право и убива неселективно“.
Таа нагласи дека Европа стои и ќе продолжи целосно да стои зад Украина.
„Ги зајакнуваме вооружените сили на Украина, градиме трајни безбедносни гаранции и ги заоструваме санкциите за да го зголемиме притисокот врз Русија. Убиствата мора да престанат“, рече фон дер Лајен.
Во ноќешниот голем руски напад врз Украина, беа погодени станбени згради, како и владината зграда во Киев, а две лица беа убиени, додека дваесет беа повредени, според украинските власти. Украинските воздухопловни сили објавија дека Русија лансирала 805 дронови и 13 ракети преку ноќ, од кои 751 биле соборени.