
Најновите успеси на руската војска во зоната на конфликтот во Украина имаа позитивно влијание врз разговорите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, изјави денес помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков.
„Текот и природата на разговорите, секако, се под влијание на успесите на руските вооружени сили во последните недели на бојното поле“, изјави Ушаков пред новинарите, објави „РИА Новости“.
Тој додаде дека, според Москва, „странските проценки за можните патишта кон мирно решавање на конфликтот станаа пореални“.
Според него, разговорот меѓу рускиот претседател и претставниците на Соединетите Американски Држави бил „многу корисен“, а контактите ќе продолжат во конструктивна атмосфера.
„Американците се подготвени да вложат сите можни напори за да постигнат долгорочно решение, кое во суштина одговара на нашите цели“, рече Ушаков.
Тој рече дека на средбата меѓу Путин и Виткоф било разговарано за решавање на „кризата во Украина“.
Како што изјави, сите прашања поврзани со процесот на решавање на украинското прашање и меѓународното признавање на потенцијалните решенија се предмет на преговори меѓу Русија и САД.
„Сите овие прашања се предмет на преговори, особено меѓу руската и американската страна“, изјави Ушаков пред новинарите, одговарајќи на прашање за меѓународно признавање на можни мировни решенија.
Средбата меѓу Путин и Виткоф во Москва се одржа во време на засилени борби на фронтот и растечки меѓународен интерес за можни услови за прекин на огнот и преговори меѓу Русија и Украина, објави руската агенција.
Во вторник вечерта, Путин ги прими специјалниот претставник на американскиот претседател Стив Виткоф и зетот на американскиот лидер и основач на „Афинити партнерс“, Џаред Кушнер, во Кремљ, пренесува „Танјуг“.
На средбата се разговараше за мировниот план на САД за Украина.











