Кремљ денеска порача дека секој мировен план за војната во Украина мора да ги адресира корените на конфликтот и дека, иако постојат одредени контакти со САД, во моментов нема разговори со Вашингтон за таков план.
Според две лица запознаени со ова прашање, САД јасно му ставиле до знаење на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Украина мора да прифати рамка на САД за завршување на војната, според која Киев би предал дел од територијата и оружјето.
Веб-страницата „Аксиос“ првпат го објави документот од 28 точки, во кој се наведува дека за возврат, Украина и нејзините европски сојузници ќе добијат безбедносни гаранции од САД, додека Русија ќе добие делови од источна Украина што во моментов не ги контролира.
Кремљ порача дека нема што да додаде на изјавите дадени на состанокот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп во Анкориџ во август.
„Не можеме да додадеме ништо ново на она што беше кажано во Анкориџ“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, нагласувајќи дека во моментов нема формални консултации со САД за мировниот план.
„Во моментов нема консултации. Секако, има контакти, но нема процес што би можел да се нарече консултации“, додаде тој.
На прашањето дали Путин е запознаен со „мировниот план од 28 точки“, Песков одговори: „Немам што да додадам на она што веќе е кажано“.
Русија ги повтори своите услови
„Спогодбата мора да доведе до елиминирање на основните причини за конфликтот“, рече Песков.
Путин ја прикажува војната како пресвртница во односите на Москва со Западот, тврдејќи дека Западот ја понижил Русија по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година со проширување на НАТО и посегнување по она што го смета за сфера на влијание на Русија, вклучувајќи ги Украина и Грузија.
Рускиот претседател бара Украина да се откаже од своите аспирации за членство во НАТО, да прогласи неутрален статус и да ја ограничи големината на своите вооружени сили.












