Кремљ: Нема големи отстапки за Украина, прерано е за мир

221
EPA/GRIGORY SYSOEV /SPUTNIK/KREMLIN POOL MANDATORY CREDIT

Русија нема да направи големи отстапки во однос на мировниот план за Украина, изјави во среда висок руски дипломат, откако беше објавена протечена снимка од разговорот меѓу американскиот претставник Стив Виткоф, кој ја советува Москва како да му го претстави планот на Доналд Трамп, објави Ројтерс.

Се очекува Виткоф следната недела да отпатува во Москва со други високи американски претставници на разговори со руските лидери за можен план за завршување на речиси четиригодишната војна во Украина, најкрвавата во Европа од Втората светска војна.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторник изјави дека е подготвен да ја унапреди рамката поддржана од САД за завршување на војната и да разговара за спорните прашања со американскиот претседател, со учество на европските сојузници.

Киев и неговите европски сојузници се загрижени дека деталите од планот протечени минатата недела покажуваат дека таа попушта пред клучните барања на Русија – забрана за членство на Украина во НАТО, потврдување на руската контрола врз една петтина од територијата на Украина и ограничување на големината на војската на Украина.

Трамп подоцна изјави дека се постигнува напредок и дека Москва прави отстапки, иако војната – во која руските сили напредуваат – ќе оди „само во еден правец“.

Сепак, пофалувајќи ги напорите на администрацијата на Трамп, рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков им рече на новинарите во Москва во среда: „Не може да станува збор за какви било отстапки или напуштање на нашите ставови по овие клучни прашања“.

На прашањето од новинарите дали се блиску до мировен договор, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за руската новинска агенција Интерфакс изјави: „Почекајте, прерано е да се каже“.

Руските сили контролираат повеќе од 19 проценти од Украина по инвазијата во 2022 година и напредуваа во 2025 година со најбрзо темпо од 2022 година, иако напредокот останува бавен, а Киев вели дека Русија претрпе големи загуби за да го постигне тоа.

Украина и нејзините европски сојузници, како и поранешниот американски претседател Џо Бајден, велат дека инвазијата е империјалистичко територијално приграбување за кое Москва не смее да биде наградена.

Путин ја претставува војната како пресвртница во односите со Западот, тврдејќи дека Русија била понижена по падот на Советскиот Сојуз во 1991 година од проширувањето на НАТО и навлегувањето во она што тој го смета за руска сфера на влијание.

ИЗДВОЕНИ