Кремљ: „Многу точки од американскиот план за Украина изгледаат прифатливи, европскиот план е целосно неконструктивен“

80

Помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков вчера изјави дека одредени одредби од американскиот мировен план за Украина, неодамна презентиран од Вашингтон, изгледаат „прифатливи“ за Москва, додека европскиот предлог го оцени како целосно „неконструктивен“.

„Постојат многу шпекулации за американскиот план за Украина, но руската страна им верува на информациите што ѝ доаѓаат преку официјални канали. Многу одредби од американскиот план, кои Москва имаше можност да ги види, изгледаат прифатливи“, рече Ушаков, пренесува РИА Новости.

Ушаков потврди дека Кремљ е свесен и за постоењето на европскиот мировен предлог, но оценува дека документот не нуди решенија што би можеле да придонесат за преговорите.

„Утрово дознавме за европскиот план, кој, на прв поглед, е целосно неконструктивен и не ни одговара“, рече тој, пренесува ТАСС.

Тој објасни дека на Москва ѝ е доставен нацрт кој, како што тврди, е во согласност со претходните договори постигнати во Алјаска.

„Многу, не сите, но многу одредби од планот изгледаат целосно прифатливи. Останатите, а вкупно има 28 точки, бараат детални и сеопфатни дискусии меѓу страните. Сепак, сè уште официјално не сме разговарале за ова“, додаде Ушаков.

Според него, Русија добила сигнали од Вашингтон за можноста за директна средба за дискусија за мировниот предлог, но сè уште не се постигнати конкретни договори.

Што предвидува американскиот план?

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела презентираше документ од 28 точки кој предвидува:

Украина да се откаже од дополнителни територии на исток,

да ја ограничи својата војска,

и формално да се откаже од амбицијата да се приклучи на НАТО.

Планот предизвика бројни реакции во Киев, Брисел и Москва, а дискусиите за неговата содржина продолжуваат во наредните денови.

ИЗДВОЕНИ