Трамп: Ништо од средбата со Путин ако не се согласи да седне со Зеленски
Американскиот претседател Доналд Трамп ќе се согласи на средба со Владимир Путин само ако рускиот претседател се согласи да разговара со Володимир Зеленски, објави „Њујорк пост“, повикувајќи се на функционер од Белата куќа.
„Путин мора да се согласи да се сретне со Зеленски за да се одржи средбата“, рече неименуваниот функционер. Тој додаде дека локацијата сè уште не е утврдена.
Порано денес, Кремљ потврди дека средбата Трамп-Путин ќе се одржи „во следните неколку дена“, а Путин ги спомена Обединетите Арапски Емирати како можна локација. Но, во исто време, ги намали шансите за средба со Зеленски, велејќи дека средбата може да се одржи само „кога ќе се создадат одредени услови“.
„Немам ништо против тоа во принцип, можно е, но условите мора да се создадат. За жал, сè уште сме далеку од тоа“, им рече Путин на новинарите во Кремљ.