Краток говор на Трамп за една година на власт: Не зборуваше ни за Украина, ни за Газа, ниту пак за Венецуела – сам си се испофали и за се го обвини Бајден

173

Американскиот претседател Доналд Трамп не ги спомена ни Украина, ни Газа, ниту, пак, Венецуела во своето ретко вечерно обраќање од Белата куќа во среда попладне, односно околу три часот по полноќ по наше време. Граѓаните, главно, слушнаа пофалби за актуелната администрација и обвинувања за поранешниот претседател Џо Бајден.

– Пред единаесет месеци, наследив хаос и го поправам, рече Трамп во говорот што траеше помалку од 20 минути и беше одржан со екстремно брзо темпо.

Тој не заборави да се пожали на инвазијата од мигранти, насилниот криминал и на правата на трансродовите личности, за што рече дека е виновен Бајден. Својот претходник го обвини и за високите цени, при што призна дека тие сè уште се високи, но рече дека нацијата е подготвена за економски процут.

Говорот од празнично украсената Дипломатска соба на Белата куќа особено ги израдува војниците, зашто Трамп објави дека неговата администрација ќе испрати „воена дивиденда“ од 1.776 долари на сметките на 1,45 милиони припадници на вооружените сили на САД следната недела. Исто така, го поддржа предлогот на републиканците да испраќаат пари директно до луѓето за да ги компензираат трошоците за здравствено осигурување, наместо да обезбедуваат субвенции преку Законот за прифатлива здравствена заштита, иако тој предлог сè уште не добил доволна поддршка во Конгресот.

– Пред една година, нашата земја беше мртва… Сега сме најатрактивната земја во светот, рече Трамп меѓу другото.

Демократскиот сенатор Марк Ворнер од Вирџинија го нарече говорот на Трамп „тажен обид за одвлекување на вниманието“, додека гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, кој е потенцијален претседателски кандидат за 2028 година, едноставно, го објави зборот „јас“, мислејќи на Трамп, кој себеси се споменал „повеќе од 700 пати“.

ИЗДВОЕНИ