Големината на еден клуб се мери не само по неговите трофеи туку и по начинот на кој ги третира своите поранешни ѕвезди. Реал Мадрид уште еднаш докажа дека е гигант во секоја смисла на зборот, приредувајќи специјален пречек за една од најголемите одбојкарски легенди во Македонија, Владимир Богоевски.
Имено, Богоевски имаше ексклузивна средба со првиот човек на „кралскиот клуб“, Флорентино Перез.
- Поканата, која пристигна директно од кабинетот на Перез, беше за заедно да го проследат натпреварот од шпанската Примера лига, помеѓу Реал Мадрид и Валенсија. Од свечената ложа на легендарниот стадион „Сантијаго Бернабеу“, Богоевски и Перез уживаа во фудбалската претстава и во победата на домаќинот.

За пошироката јавност, врската, можеби, не е веднаш очигледна, но вистинските познавачи на историјата на Реал Мадрид знаат дека овој клуб не е само фудбал. Владимир Богоевски е легенда на одбојкарската екипа на Реал Мадрид, каде што настапуваше со огромен успех во раните 1980-ти. Оваа средба не е само куртоазен гест туку и длабоко признание за придонесот на Богоевски – велат од Македонскиот олимписки комитет.

Разговорот меѓу двајцата спортски великани, како што дознаваме, поминал во пријателска атмосфера, евоцирајќи спомени од минатото, но и разговарајќи за идните спортски предизвици.
Владимир Богоевски, кој денес ја извршува функцијата спортски директор на Македонскиот олимписки комитет, со оваа посета уште еднаш го потврди својот висок углед во меѓународните спортски кругови. Гестот на Флорентино Перез е големо признание за кариерата на Богоевски, но и за македонскиот спорт во целина.











