
Нема дилема дека очите на фудбалската јавност денеска ќе бидат насочени кон „Сантијаго Бернабеу“ каде ќе се одигра реванш бараж дуелот за пласман во 1/8 финалната рунда од Лигата на шампиони помеѓу шпанскиот гигант Реал (М) и португалскиот преставник Бенфика.
Првата меѓусебна пресметка во Лисабон заврши со минимален триумф на „кралскиот клуб“, но истата за жал најмногу е запаметена по немилите сцени кои настанаа откако Винисиус Жуниор го постигна единствениот погодок на натпреварот.
Бразилскиот интернационалец со својата прослава го навлече гневот на домашните навивачи, а неколку минути подоцна се пожали кај главниот судија дека бил расистички навредуван од фудбалерот на Бенфика, Џанлука Престијани.
Крилниот напаѓач на Реал (М) се пожали дека Престијани го нарекол мајмун, а фудбалерот на Бенфика ги негираше таквите тврдење. Во самиот финиш од натпреварот црвен картон заработи тренерот на домашниот тим, Жозе Мурињо, кој од свечената ложа ќе го следи реванш дуелот.
Италијанскиот калчо гигант, Јувентус, ќе се обиде да ја анулира негативата од три гола која ја има после првиот дуел против преставникот на Турција, Галатасарај, а германскиот бундеслигаш Борусија од Дортмунд со предност од два гола ќе ја стартува втората пресметка против калчолигашот Аталанта.
На хартија, најлесна задача би требало да има бранителот на тронот, тимот на ПСЖ, кој игра на домашен терен и има предност од еден гол во споредба со вториот француски преставник Монако.
ДЕНЕСКА НА ПРОГРАМАТА: Реал (М) – Бенфика (1:0 прв натпревар), Јувентус – Галатсарај (2:5), ПСЖ – Монако (3:2), Аталанта – Борусија Д. (0:2).











