Еден од најпопуларните подготвува музички празник!
– Типувам на тоа дека хитот „Не кани ме“ ќе го пеам хорски со присутната публика. Убаво е кога ќе остави пејачот таква силна трага на естрадата со некоја песна, која потоа се обнародува. Сè уште имам што да раскажувам со песните!
Ете, по многу дилеми дали ќе има или не солистички концерт, најпосле ќе има. И секоја чест за великанот на македонската народна песна, омилениот Миле Кузмановски, кого публиката најлесно и најбрзо го препознава по една, ама вредна песна, а тоа е „Не кани ме“.
А, Милентие, како што нагалено го викаме, има уште многу хитови: „Крал без круна“, „Сè што побарав од Тебе, Господе“, „Огледало“, „Кажи, Боже, како успеа“, „Свети, сонце мое“, „Налеј, налеј“, “„Се собрале комитите“, „Не ми студи што е зима“, „Шприцер“… така што дел од нив ќе ги слушнеме во живо, на 24 декември, во МОБ. Тамам пред најлудата новогодишна ноќ, кога на секој од нас му треба и добро расположение и добра песна. Затоа е Кузмановски тука, да го реализира сето тоа. Воедно, со концертот, тој ќе ја прослави 35-годишнината од богатата пејачка кариера.
Овој наш популарен пејач е познат и по својот препознатлив музички стил и ќе биде придружуван од камерен оркестар. Тоа ќе му даде на концертот посебен уметничка емоција и уметничко доживување. Воедно, тоа е уште еден доказ за заслуженото позиционирање на Кузмановски на естрадниот фолк-врв во Македонија.
– Двочасовниот концерт, а се надевам и на неколку биса, ќе биде вистинско патување низ времето и низ мојата кариера, бидејќи сè уште имам што да раскажувам со песните. Типувам на тоа дека хитот „Не кани ме“ ќе го пеам хорски со присутната публика. Убаво е кога ќе остави пејачот таква силна трага на естрадата со некоја песна, која потоа се обнародува. Како гости поканив неколкумина пејачи, мои драги колеги, но засега не ги откривам нивните имиња – вели среќниот Миле.
Минатата година, Миле ја промовираше песната „Срце храбро“, а официјалната промоција ја направи за одбраните естрадни новинари, кои се неизбежен дел од неговата естрадна кариера. Песната е во духот на староградската и боемска музика. Многу е прифатена од публиката и секако дека ќе ја слушнеме и на претстојниот концерт во МОБ.
(Д. М.)