Објавени резултатите од Конкурсот за филмски проекти за 2026. Одлуката за поддршка на документарниот проект „Слушни ме!“, кој е биографски музички документарец за Марко Маринковиќ – Слаткаристика, деновиве предизвика многу реакции во јавноста. Со соопштение се огласија од Министерството за култура и туризам, од каде што посочија дека не станува збор за филм кој се занимава исклучиво со музичката кариера на Слаткаристика, туку е документарец со јасна општествена, едукативна и инклузивна димензија
Филмскиот долгометражен игран проект „Кралот на ѓубрето“ на Георги М. Унковски доби најмногу средства – 30.000.000 денари (487.844 евра) на првиот рок од Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во филмската дејност за 2026 година што го распишува Агенцијата за филм, а чии резултати беа објавени деновиве. „Кралот на ѓубрето“ на режисерот Унковски, кој ги потпишува наградуваните остварувања „Диџеј Ахмет“, „Налепница“ и анимираната серија „Буквождер“, е музички филм во продукција на „Синема Футура“, а ќе се реализира во копродукција со Бугарија, Чешка и Хрватска.

Како што објави Агенцијата за филм, за прифатените 14 долгометражни играни и документарни проекти по Конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес во филмската дејност за 2026 година (прв рок), се обезбедени вкупно 93 милиони денари.
Оттаму додаваат и дека оваа година прв пат е воведен модел на презентација (пичинг) на долгометражните филмски проекти, при што апликантите имале можност директно да ги претстават пред стручната комисија, со цел поголема транспарентност и унапредување на процесот на селекција.
Меѓу поддржаните проекти во категоријата долгометражна играна продукција со мнозински удел, освен „Кралот на ѓубрето“ е и „Никој не го сака Садик“ со 19.000.000 денари (308.968 евра) на Ибрахим Деари, авторот на филмот „Сите го викаат Реџо“, кој според податоците на Агенцијата за филм, бил еден од најгледаните филмови од албански автор во изминатата година. Меѓу избраните долгометражни играни проекти со мнозински удел е и „Татко“ во режија на Јани Бојаџи, на кој Агенцијата за филм му додели 15.000.000 денари (243.922 евра).

Во категоријата долгометражен документарен филм со мнозински удел, пак, поддршка од 8.000.000 денари (130.091 евра) доби „Вител на изумирањето“ на Љубомир Стефанов, корежисер на светски наградуваниот документарец „Медена земја“, како и проектот „Слушни ме!“ на Рaдован Петровиќ, кој е биографски музички документарец за Марко Маринковиќ – Слаткаристика, со 1.500.000 денари (24.392 евра).
Токму за одлуката за поддршка на документарниот филм „Слушни ме!“, деновиве во јавноста имаше многу реакции, на што со соопштение се огласи и Министерството за култура и туризам, од каде што посочија дека не станува збор за филм кој се занимава исклучиво со музичката кариера на Слаткаристика, туку е документарец со јасна општествена, едукативна и инклузивна димензија.

– Филмот, преку личната приказна на Слаткар, ја отвора темата за говорните и комуникациските тешкотии кај децата и младите и ја истражува улогата на музиката и уметноста како можни алатки за надминување на овие предизвици, испраќајќи порака за прифаќање, еднакви можности и општествена инклузија. Особено е значајно што проектот обработува тема која директно засега голем број семејства во нашето општество. Преку автентична приказна и препознатлив јавен лик, филмот има потенцијал да придонесе кон подигнување на свеста за говорните и комуникациските тешкотии и да поттикне поширока јавна дебата за поддршката што им е потребна на овие деца и нивните семејства, посочија од Министерството за култура и туризам.
Оттаму нагласуваат и дека проектот веќе имал обезбедено значителен дел од финансиската конструкција преку спонзорства и партнерства, како и поддршка од програмата Креатив јуроп медиа, Министерството за здравство и ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација.
Во рамките на конкурсот на Агенцијата за филм беа поддржани и повеќе меѓународни копродукции со партнери од Хрватска, Словенија, Албанија, Бугарија, Грција, Косово, Чешка, Романија и Велика Британија.
Во категоријата долгометражен игран филм, со малцински удел се поддржани проектите „Стрига“ во режија на Кристијан Милиќ со 2.800.000 денари (45.532 евра), „Исцелители“ во режија на Лун Севник со 2.600.000 денари (42.279 евра), „Љубовта ќе нè раздели“ во режија на Неда Морофа со 2.400.000 денари (39.027 евра) и „Кучешка кожа“ во режија на Спартак Печани и Реди Трени со 2.500.000 денари (40.653 евра).
Меѓу документарните копродукции, пак, се издвојуваат „Голема во Гази Баба“, во режија на Полин Бланше со поддршка од 1.400.000 денари (22.766 евра) што е приказна за 14-годишната борачка Садије, која се спротивставува на традиционалните родови и етнички бариери во својата албанско-муслиманска заедница. Проектот беше развиван во рамки на Cannes Docs. Кај документарните копродукции, поддршка од 1.800.000 денари (29.270 евра) доби и „Езерото“, во режија на Никос Зиогас, документарен филм посветен на Преспанското Езеро, реализиран како копродукција со Албанија и Грција.

Во оваа категорија – долгометражен документарен малцински филм се поддржани и проектите „Виењето на волците“ со 2.800.000 денари (45.532 евра) на корежисерката на светски наградуваниот и двојно оскаровски номиниран документарец „Медена земја“, како и на „Приказната за Силјан“– Тамара Котевска, потоа „Плејтопија“ со 1.300.000 денари (21.140 евра), интернационален документарен проект во режија на Барбора Јихова Тајсон, во кој осум деца, во студио налик на реално шоу, создаваат сопствен свет од почеток и „Крај на гравитацијата“ во режија на Игор Зупе, со 1.900.000 денари (30.896 евра) – документарен копродукциски проект со Словенија, кој ја следи визијата на словенечкиот театарски режисер Драган Живадинов и уметницата Дуња Зупанчиќ, кои од 1995 година се подготвуваат да го изнесат театарското творештво на Живадинов надвор од планетата и да го преселат во вселената.
– Средствата одобрени преку конкурсот на Агенцијата за филм претставуваат мал дел од вкупниот буџет и изнесуваат само 1,6 проценти од средствата распределени за поддржаните филмски проекти во овој конкурсeн рок. Истовремено, најголемиот дел од расположливите средства се насочени кон проекти на автори и режисери кои веќе имаат значајни меѓународни признанија и резултати, меѓу кои се Георги М. Унковски, Јани Бојаџи, како и Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, авторите на „Медена земја“, се додава во соопштението на Министерството за култура и туризам. (Н. И. Т.)












