
Кралот Чарлс Трети сподели „добри вести“, велејќи дека поради раната дијагноза и „ефикасната интервенција“, неговиот третман за болеста може да се намали во новата година, пренесе „Би-би-си“.
Во снимена видео порака, британскиот монарх рече:
„Оваа пресвртница е и личен благослов и доказ за извонредниот напредок што е постигнат во грижата за пациентите со рак“.
Кралот Чарлс Трети откри во февруари 2024 година дека има рак, но не кажа од кој тип.
Според Бакингемската палата, закрепнувањето на кралот достигна многу позитивна фаза и тој „одговараше исклучително добро на третманот“, толку многу што лекарите сега ќе го префрлат неговиот третман во „превентивна фаза“.
Фреквенцијата на неговиот третман ќе биде значително намалена – но не е кажано дека е во ремисија или излечен.
Пораката е дел од кампањата за охрабрување на повеќе луѓе да се тестираат за рак и да ги искористат националните програми за скрининг – а пораката на кралот ја истакнува важноста на скринингот за откривање на рак во рана фаза.
„Од лично искуство знам дека дијагнозата на рак може да биде многу тешка. Сепак, знам и дека раното откривање е клучот што може да го трансформира текот на лекувањето, давајќи им непроценливо време на медицинските тимови“, рече тој.
Додаде: „Раното откривање може да спаси живот – вашиот или животот на некој што го сакате може да зависи од тоа.“











