Џасвин Санга, позната по прекарот Кралица на кетаминот, официјално се изјасни за виновна за дистрибуција на дрогата што доведе до смртта на актерот Метју Пери, објави „Ен-би-си њуз“.
Во судницата во Лос Анџелес, Санга денес се изјасни за виновна по пет точки од обвинението – вклучувајќи ја и претходно споменатата дистрибуција на кетамин што директно доведе до смрт.
На изрекувањето на пресудата, закажано за 10 декември, таа може да се соочи со децении затвор.
Мајката на Пери, Сузан, и неговиот очув, исто така беа присутни на рочиштето.
Според обвинителството, Санга му ја дал дрогата на Ерик Флеминг, познаник на Пери, кој потоа му го предал кетаминот на асистентот на актерот.
Флеминг наводно добил дури 50 ампули кетамин од Санга.
На трагичниот 28 октомври 2023 година, Пери примил најмалку три инјекции кетамин што ги добил преку овој начин, што, според лекарите, директно ја предизвикало неговата смрт.
Откако веста за смртта на Пери била објавена во медиумите, Санга го контактирала Флеминг преку апликацијата Signal и го советувала да ги избрише сите нивни пораки, обидувајќи се да се дистанцира од трагедијата.
Обдукцијата покажала дека актерот од популарната серија „Пријатели“ починал на 54-годишна возраст од акутните ефекти на кетаминот, со дополнителни фактори – давење, коронарна срцева болест и присуство на бупренорфин, лек што се користи во терапијата за зависност.