Крајната десница и левицата поднесуваат нови барања за гласање недоверба на фон дер Лајен во ЕП

139

Парламентарните групи „Патриоти“ и „Левица“ во Европскиот парламент вечерва на полноќ ќе поднесат две одделни барања за уште едно гласање недоверба на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, што би значело дека гласањето за опстанокот на Комисијата би можело да се одржи најрано во октомври.

Потезите на крајната десница и крајната левица, само неколку часа откако фон дер Лајен го одржа својот говор за состојбата на Унијата пред Европскиот парламент во Стразбур, доаѓаат само два месеци откако Европската комисија и нејзиниот шеф ја добија поддршката од европратениците на гласањето за недоверба во јули, објавува „Политико“.

Фон дер Лајен и Комисијата би биле принудени да поднесат оставка доколку се усвои кој било од предлозите, иако ова е малку веројатно, бидејќи имаат поддршка од мнозинството пратеници во Европскиот парламент.

Во барањето на „Патриоти“, до кое имал увид „Политико“, се наведува дека ЕУ е послаба од кога било, поради континуираниот неуспех на претседателот на Комисијата да се справи со бројните предизвици.

Во барањето на левицата се критикува трговската политика на Комисијата, но ставен е поголем акцент на критикување на Европската комисија за нејзиниот неуспех да одговори на израелската војна во Газа.

Парламентарните правила бараат предлогот за недоверба да биде потпишан од 72 пратеници во Европскиот парламент, два месеци по претходното гласање, во спротивно се потребни 144 потписи.

Претходното гласање за недоверба се одржа на 10 јули, што значи дека групите можат да поднесат предлог со 72 потписници не порано од полноќ во среда.

Планот е сепак барањето да се поднесе што е можно порано, изјави портпаролот на Левичарската партија, Томас Шенон, додека функционер на групацијата „Патриоти“, исто така, потврди дека тоа ќе се направи на полноќ.

За да го стават барањето на дневен ред, тие мора да испратат е-пошта до претседателот на Европскиот парламент со текстот и потписите.

Откако ќе се поднесе барањето, правната служба мора да ги потврди потписите и, доколку сè оди според правилата, дебатата и гласањето за недоверба на Европската комисија би можеле да се одржат најрано во октомври.

ИЗДВОЕНИ