Четири мигранти се на лекување во болница во Ираклион, Крит, откако денес беа пронајдени на брод со 35 лица, околу 100 километри јужно од Иерапетра, на југоистокот од островот.
Тие беа забележани од брод со либериско знаме, по што беше започната итна операција за спасување од страна на крајбрежната стража, објави „Катимерини“.
Останатите 31 лице беа префрлени во привремен сместувачки објект во Иерапетра со брод на крајбрежната стража.
Три лица, наводно, се под медицински надзор.
Четирите хоспитализирани мигранти покажувале симптоми на исцрпеност, дехидратација и хипотермија.
Нивната медицинска состојба бараше поддршка од хеликоптер на воздухопловните сили, кој ги префрли во болница во Ираклион.












