Синдикатите во Германија започнаа жестока борба против владините планови кои би можеле целосно да го променат работното време за милиони вработени. Според најавите, канцеларот Фридрих Мерц планира да го укине сегашниот Закон за работно време и да го замени со нов модел кој предвидува пофлексибилни, но потенцијално значително подолги работни смени.
Работен ден што започнува во 7 часот наутро и завршува навечер наскоро би можел да стане реалност за многу работници. Владата размислува да го укине фиксното ограничување од осум часа на ден и да воведе максимално неделно работно време.
Додека властите го претставуваат овој потег како „флексибилизација“ на пазарот на трудот, синдикатите предупредуваат дека тоа би можело да отвори простор за значително подолги смени и поголем обем на работа за вработените.
Што предвидува новиот план?
Коалицискиот договор предвидува дека дневното ограничување од осум часа ќе биде заменето со неделно ограничување. Според најавите, одлука за промените би можела да се донесе во текот на 2026 година.
Канцеларот Мерц, лидер на ЦДУ, оди чекор понатаму и зборува за целосно укинување на законот. Синдикатите предупредуваат дека таков модел би можел да значи:
Работни денови до 13 часа
Работна недела до 73,5 часа во период на најголемо оптоварување
Синдикатите велат дека проблемот со недостигот на работна сила не може да се реши со продолжување на работниот ден, туку со подобрување на условите за работа и платите.
Германската конфедерација на синдикати ја започна кампањата „Со сила за 8“, која повикува на зачувување на стандардниот осумчасовен работен ден. Резолуција насловена како „Осум часа се доволни – денес и во иднина“ беше усвоена на конференција во Инголштатот.
– Секој што денес повикува на подолги работни денови игнорира под колкав притисок се работниците уште сега. На многу места, границите на она што е прифатливо одамна се достигнати – порачаа на конференцијата.
Дебатата за иднината на работното време во Германија штотуку започнува, но јасно е дека предлогот ќе предизвика една од најголемите социјални и политички контроверзии во земјата во последните години.












