Само еден ден по смртта на легендарната Сенка Велетанлиќ-Хаџиманов, на 80 години почина уште една многу популарна пејачка на забавни мелодии. Нашата кумановка, Благица Бети Ѓорѓевиќ. Таа на естрадната сцена се прослави со хитот „Да ја почнеме љубовта од почеток“, со која ги освои сите можни награди на некогашниот омилен фестивал, „Белградска пролет“, со сите симпатии на публиката и на жирито.
Благица со години беше омилена пејачка и кај нашата публика, и иако остана да живее во Белград, таа имаше чести настапи во живо и во родната Македонија. Обожавателите, покрај споменатиот фестивалски хит, ќе ја памтат и по мелодиите: „Една љубов стара“, „Срцето нека чука посилно“, „Ќе се најде некој што ќе ме сака“, „Поради бакнежите твои“, „Еден поглед“, „Те сакам“, „Крај на мојата тага“… Сепак, тагата по Бети, како што ја викаа сите нагалено, допрва започнува. Замина еден врвен, моќен пејачки глас.
Беше во брак со Боби Ѓорѓевиќ, исто така музичар. Со него го имаше синот Бранислав, кој трагично почина млад, на 47 години. Бети често зборуваше за смртта на синот, притоа не криејќи ги солзите, како секоја мајка по своето починато дете.
– Не знам како сè уште сум жива, не знам како воопшто функционирам? Одам, онака, безволно на некои настапи, колку да не сум дома затворена со својата бесконечна тага. Болката по синот не ми поминува. Понекогаш беспомошно врескам, самата не се препознавам. Немам желба ниту да се разубавам, да излезам меѓу народ. Сè ми е празно по дома, раскажуваше Благица по семејната трагедија. (Д. М.)












