Од 1 јули, Управата за јавни приходи го воведува системот за електронско фактурирање, е-фактура, кој претставува клучен чекор во борбата против финансискиот криминал и злоупотребите на државниот буџет.
Е-фактурата е двоен документ, комерцијален и автоматизиран даночен запис со кој се заменува постојниот модел на месечна или тримесечна пријава на податоци кон УЈП. Новиот систем овозможува информациите од секоја фактура да пристигнуваат моментално, по нејзиното издавање.
Премиерот Христијан Мицкоски на промоцијата на новата платформа истакна дека оваа процедура ќе оневозможи постоење на фантом фирми кои досега успевале да украдат милиони евра од граѓаните преку враќање на ДДВ.
– Оваа е-фактура како процедура ќе значи да нема фантом-фирми кои ќе украдат 90, 100, 200, 300 милиони евра од Буџетот и од граѓаните, ако добро се применува и се работи, во што немам сомневање – истакна Мицкоски.
Процесот за воведување на е-фактура почна уште пред 10 години, но од нејасни причини бил одложуван, а пред неколку месеци се откри за фантом фирмите кои добивале поврат на ДДВ.
Преку овој систем, секоја безготовинска трансакција ќе биде евидентирана и контролирана во реално време, со цел зголемување на транспарентноста, дисциплината и довербата во фискалниот систем. Директорката на УЈП, Елена Петрова, нагласи дека овој проект е повеќе од техничка новина.