Онлајн нарачките стануваат поскапи. Се зголемуваат цените за доставување онлајн пратки, како и другите поштенски услуги. Од компаниите што вршат доставување на пратки потврдуваат за весникот ВЕЧЕР дека е поскапена нивната услуга, односно дека е зголемена цената за доставување пратки за околу 20 отсто. И граѓаните што редовно нарачуваат онлајн велат дека наместо 150 денари, сега плаќаат по 180 денари за доставување. Од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека со зголемувањето на цената за доставување се зголемува и цената на производите што се купуваат, што може да биде една од причините за намалување на онлајн купувањето.
-Нормално, со зголемување на побарувачката на пазарот, зголемена е и цената за доставување на поштенските пратки. Последнава година се зголемија платите на вработените, цената на горивото варира. Сега е стабилна, но претходно беше зголемена, покачени се цените на деловите и на сервисот за автомобили, што, несомнено, повлекува зголемување на цените на поштенските услуги. Цените за доставување се различни и зависат од повеќе фактори, односно од тоа дали сака клиентот да ја подигне пратката од базата или сака да му се достави на домашна адреса. Потоа, исто така, цената зависи и од габаритот и од тежината на пратката. Но, генерално, цените на сите услуги се зголемени, што повлекува и зголемување на цените на нашите услуги, бидејќи сè е поврзано едно со друго – изјавија за весникот ВЕЧЕР од една компанија за доставување поштенски пратки.
Оттаму додаваат дека секоја пратка има различна цена за доставување, но велат дека, генерално, цените се повисоки за 20 отсто.
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија, пак, сметаат дека со зголемувањето на цената за доставување се зголемува и цената на онлајн нарачките, кои ќе бидат поскапи.
– Со поскапување на доставувањето, им се качува цената на оние што нарачуваат онлајн. Од една страна, се стимулира онлајн продажбата како еден од начините на современо купување за штедње време и пари, а, од друга страна, се зголемува цената за доставување. На овој начин граѓаните се дестимулираат да нарачуваат онлајн, затоа што може да го најдат истиот производи во продавниците, да го видат и да го пробаат наместо да го чекаат и да го платат по иста цена или поскапо. Поради тоа, доколку имаш време да шеташ, подобро е да го купиш производот во продавница, а и начинот на враќање на производот, доколку не ти се допаѓа, е поедноставен – изјави за весникот ВЕЧЕР Тања Тасевска од ОПМ.
И граѓаните што редовно нарачуваат онлајн велат дека наместо 150 денари, сега плаќаат по 180 денари за доставување.
– Пред некое време, онлајн нарачував производи од позната козметичка марка, бидејќи не можам да го најдам во слободна продажба. Бев изненадена кога прочитав дека сега треба да платам за онлајн испораката 180 денари наместо 150. Триесет денари не се, можеби, многу, но сметам дека општо, испораката е скапа. Но, условена сум онлајн да купам некои производи што не може да се најдат во продавниците, и доставувањето ја подига цената на производот. Иако пишува дека се поевтини, онлајн нарачките со доставувањето стануваат поскапи отколку во продавница – вели една жена.
Сепак, и покрај тоа што онлајн нарачките стануваат поскапи, податоците покажуваат дека расте е-трговијата. Според податоците на Народната банка, во првите три месеци од 2025 година трансакциите на Македонците направени кон интернет-продавниците дома и во странство биле во вредност од 13.120 милиони денари или 213 милиони евра, што преставува пораст од 25,4 отсто во однос на тој период минатата година.
При тоа, кон македонските е-трговци биле направени онлајн трансакции во вредност од 133 милиони евра, што претставува пораст од 21,7 отсто во однос на тој период минатата година. Само од македонските иматели на платежни картички се направени трансакции кон домашните е-трговци во вредност од 121 милион евра, односно 20,2 отсто повеќе во однос на тој период минатата година, додека странците направиле трансакции кон македонските е-трговци во вредност од 12 милиони евра, односно оствариле 40,3 отсто пораст. Од друга страна, Македонците направиле онлајн трансакции од 80 милиони евра во странство, што претставува пораст од 32 отсто во однос на минатата година.
(А. С.)