Крај на Европа каква што ја знаеме? „Стариот континент“ никогаш повеќе нема да биде ист

367

Европските брегови би можеле неповратно да се променат во следните сто години, предупредува Европската агенција за животна средина (EEA), наведувајќи дека нивото на морето расте сè побрзо и побрзо, а помеѓу 2006 и 2018 година имало зголемување од 3,7 милиметри годишно, повеќе од двојно од просечните вредности од 20 век, што, според бриселскиот „Еуроњуз“, би значело исчезнување на многу популарни и импресивни плажи на европскиот континент.

Доколку емисиите на штетни гасови останат високи, нивото на морето би можело да се зголеми помеѓу 63 сантиметри и 1,02 метри до 2100 година.

Во најлошото сценарио, кое вклучува забрзано топење на поларните ледени капи, зголемувањето на нивото на морето би можело да достигне пет метри до 2150 година.

Островот Свети Стефан во Црна Гора е на врвот на листата на најзагрозени плажи или делови од брегот, бидејќи според проценките на научниците, би можел да изгуби повеќе од 200 метри крајбрежна линија до крајот на векот.

На второ место е плажата Порто Џунко во Сардинија, која, според проценките, би можела да изгуби 107 метри крајбрежна линија, а на трето место е плажата Бенагил во Португалија, чија загуба се проценува на 70 метри крајбрежна линија.

На четврто и петто место се плажите на норвешкиот остров Верој и Ким Беј во Ирска, кои би можеле да изгубат 58 и 40 метри крајбрежна линија.

Рејнисфјара во Исланд, една од најопасните плажи во светот позната по својот црн вулкански песок, е на шесто место и може дополнително да биде загрозена, со очекувана загуба од 35 метри.

На седмо место меѓу најзагрозените плажи и крајбрежни области е плажата Марини, една од најдобро оценетите плажи во областа Ница, за која студиите предвидуваат ерозија од речиси 35 метри до 2100 година.

Плажата Пасјача во Хрватска во близина на Дубровник би можела целосно да биде избришана до 2100 година, со предвидено повлекување на крајбрежјето од 31 метар.

На последните две места, деветто и десетто, се плажите во британскиот Корнвол, на кои им се заканува загуба од 30 метри крајбрежје, и францускиот брег помеѓу Ница и Кан, кој би можел да изгуби до 28 метри крајбрежје.

Професорот Џорџо Будион од Универзитетот во Неапол истакнува дека покачувањето на нивото на морето е, барем делумно, неизбежно поради „инерцијата“ на климатскиот систем, топењето на мразот и термичкото ширење на океанот.

– Предупредувањата за исчезнување на плажите не шират паника, туку реална слика за иднината без решителна акција – вели Будион.

Тој вели дека намалувањето на емисиите и зачувувањето на шумите можеби не се доволни и дека во некои случаи ќе биде потребно преместување на луѓето и инфраструктурата.

– Цврстата заштита, како што се ѕидови и брани, честопати предизвикува дополнителни проблеми по должината на брегот. Поодржливо решение се „меки“ мерки, полнење на плажите, обновување на мочуриштата и заштита на подводната вегетација – вели Будион.

ИЗДВОЕНИ