Кристијан Аманпур, една од најпознатите и најнаградуваните новинарки на Си-Ен-Ен (CNN), објави дека ја напушта оваа медиумска куќа по 43 години. Нејзината емисија „Аманпур“ ќе заврши во мај 2027 година, а таа ќе си замине од CNN кон крајот на јуни. Таа ќе продолжи да го води подкастот „The Ex Files“ и најави нови проекти.
Во понеделникот, Аманпур објави дека донела одлука да замине, „по многу месеци размислување и неколку непроспиени ноќи“. Таа му се приклучи на CNN во 1983 година – кога мрежата сè уште беше во своите почетоци – како асистент во редакцијата за меѓународни вести. Денес, таа е главен меѓународен водител и едно од најпрепознатливите лица на оваа медиумска куќа.
Нејзините секојдневни емисии на CNN и PBS, вклучително и „Amanpour and Company“, ќе завршат до крајот на оваа година. Потоа, таа ќе води неделна емисија на CNN International сè до мај, а нејзиниот ангажман во оваа медиумска куќа ќе заврши кон крајот на јуни.
Во својата проштална изјава, таа се осврна на периодот кога известуваше од конфликтни зони и изрази благодарност до колегите со кои соработувала.
„Од мојата прва голема и возбудлива задача – известувањето за првата Заливска војна – па сè низ ужасите на војните во Босна, Руанда, Авганистан, Украина и Иран, како и насекаде помеѓу, тимовите и чувството за заедничка цел ми значеа многу. Заедно се боревме за факти, докази и хуманост, осигурувајќи се дека CNN секогаш може да ѝ ја пренесе вистината за светот – на самиот свет, без страв и без пристрасност“, напиша таа.
На крајот, таа им порача на своите колеги: „Запомнете: секогаш известувајте вистинито, а не неутрално“.
Заминувањето на Аманпур се случува во време на големи промени во CNN, кој неодамна стана дел од медиумската групација „Скајденс“ (Skydance). Компанијата ја предводи Дејвид Елисон, со финансиска поддршка од неговиот татко, Лери Елисон – коосновач на „Оракл“ (Oracle) и донатор на Доналд Трамп. Некои новинари од CNN гледаат на новите сопственици со скептицизам, укажувајќи на нивната наводна блискост со администрацијата на Трамп.
Во својата изјава, таа нагласи дека „секогаш ќе навива за CNN и за зачувување на неговата традиција на независно новинарство“.
Аманпур (68) јавно зборуваше за своето лекување од рак на јајниците, кој ѝ беше дијагностициран во 2021 година. Во пораката до вработените, извршниот директор на CNN, Марк Томпсон, ѝ се заблагодари за „43-те извонредни години на брилијантно новинарство, посветеност и пријателство“. Тој напомена дека за нејзиното заминување разговарале со месеци.
„Кристијан добро размисли за оваа одлука, а ние разговаравме за тоа неколку месеци. Како и многу колеги во CNN кои денес ќе ја слушнат оваа вест, многу ми е жал што таа си заминува, но прифаќам дека ова е вистинскиот момент за неа, како на личен, така и на професионален план“, напиша Томпсон.
Тој претходно овој месец најави дека ќе остане во споената компанија. Аманпур изјави дека ќе продолжи да го води подкастот „The Ex Files“ и дека се радува на „возбудливи нови проекти во иднина“.












