Данската пошта ќе го достави своето последно писмо на 30 декември, со што ќе заврши традицијата што трае повеќе од 400 години, објавува „Гардијан“.
Објавувајќи ја одлуката за прекин на доставувањето писма, PostNord (формирана во 2009 година со спојување на шведската и данската поштенска служба) соопшти дека ќе намали 1.500 работни места во Данска и ќе отстрани 1.500 поштенски сандачиња поради зголемената дигитализација на данското општество.
Опишувајќи ја Данска како една од најдигитализираните земји во светот, компанијата соопшти дека побарувачката за писма нагло опаднала, додека онлајн купувањето продолжило да се зголемува, што ја поттикнало одлуката да се фокусира на пакети.
За само три часа, 1.000 од отстранетите поштенски сандачиња си најдоа нови сопственици, откако беа ставени на продажба претходно овој месец по цена од 2.000 дански круни (268 евра) по поштенско сандаче за оние во добра состојба и 1.500 круни за оние во малку полоша состојба. Дополнителни 200 поштенски сандачиња ќе бидат продадени на аукција во јануари.
„ПостНорд“ (PostNord), која ќе продолжи да доставува писма во Шведска, изјави дека ќе ги надомести трошоците за неискористените дански марки во догледно време.
Данците сè уште ќе можат да испраќаат писма преку „Дао“, кој ќе ја прошири својата услуга од околу 30 милиони писма во 2025 година на 80 милиони следната година од 1 јануари. Корисниците ќе мора да одат во продавница на „Дао“ за да испраќаат писма или да платат дополнително за да испратат писмо од дома, како и да платат за поштарина или преку интернет или преку апликација.
Данската поштенска служба доставува писма во земјата од 1624 година. Во текот на изминатите 25 години, пишувањето писма значително се промени во Данска, со пад од повеќе од 90 проценти.
Сепак, како што објавува „Гардијан“, постојат знаци дека постои обновен интерес за пишување писма кај младите луѓе.
Според данскиот закон, опцијата за испраќање писма мора да биде достапна, а доколку „Дао“ престане со работа, владата ќе биде должна да назначи некој друг да го прави тоа.
Извор во Министерството за транспорт изјави дека нема да има практична разлика во новата година бидејќи луѓето сè уште ќе можат да испраќаат и примаат писма, туку само ќе треба да го прават тоа преку друга компанија и дека промената може да биде значајна само од сентиментални причини, пренесува „Бета“.












