Маскирани крадци направиле дупка на бетонскиот покрив на трговскиот центар „Трезор Коуст“ во Џенсен Бич, Флорида, и украле помеѓу 400 и 500 пара патики „Најк“ и „Њу Баланс“, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Мартин.
Грабежот се случил во магацинот на продавницата за спортска опрема „Чемпс“ помеѓу полноќ и осум часот наутро, објави денес ABC.
Украдените патики се проценети на 40.000 до 50.000 долари, додека поправката на оштетениот покрив ќе чини околу 10.000 долари.
Шерифот на округот Мартин, Џон Буденсик, ја опиша кражбата како организирано и професионално извршено.
„Тие користеле електрични алати и работеле со часови без да бидат откриени. Ова изгледа како сцена од филмот „Невозможна мисија““, рече Буденсик на прес-конференција.
Според канцеларијата на шерифот, крадците ја спакувале стоката, ја обележале, ја фрлиле од покривот и ја натовариле во возилото за бегство, а дел од украдената стока во брзање ја оставиле зад себе.
Истрагата е во тек, а властите се обидуваат да ги идентификуваат сторителите и да ги лоцираат украдените патики, пренесува Танјуг.












