Крадци провалиле во домот на фудбалската ѕвезда кој тргнала по нив со кујнски нож

52
epa11916251 Players of Chelsea huddle ahead of the English Premier League soccer match between Aston Villa and Chelsea, in Birmingham, Britain, 22 February 2025. EPA-EFE/TIM KEETON EDITORIAL USE ONLY. No use with unauthorized audio, video, data, fixture lists, club/league logos, 'live' services or NFTs. Online in-match use limited to 120 images, no video emulation. No use in betting, games or single club/league/player publications.

Ѕвездата на лондонскиот премиерлигаш Челзи, Рахим Стерлинг, беше принуден да се соочи со маскирани крадци кои провалија во неговиот дом во Беркшир додека тој беше внатре со своето семејство.

Инцидентот се случи пред една недела, помеѓу 18:30 и 19:00 часот, само еден час пред почетокот на натпреварот на Челзи против Вулверхемптон Вондерерс. Стерлинг се подготвуваше да го гледа натпреварот кога слушна бучава на горниот кат и сфати дека вооружена банда провалила во неговиот дом.

Според британскиот весник „Мирор“, напаѓачите биле маскирани и веројатно мислеле дека Стерлинг нема да биде дома, бидејќи се очекувало да биде на Стемфорд Бриџ за натпреварот на неговиот тим.

Крилниот напаѓач реагираше инстинктивно. Прво се уверил дека неговата партнерка Пејџ Милијан и нивните деца, Тијаго (8) и Тај Круз (6), се безбедни, а потоа храбро се соочил со крадците.

„Го зема ножот од кујната и отиде да се соочи со крадците. Реагираше под чист адреналин, но успеа. Бандата беше горе, барајќи вредни предмети, но избегаа кога сфатија дека Рахим е дома“, откри извор за „Мирор“.

За среќа, инцидентот заврши без повредени, а крадците избегаа без да земат ништо. Полицијата во долината Темза веднаш започна истрага и ја повика јавноста да пријави каква било сомнителна активност во областа.

„Полициските службеници спроведуваат темелна истрага и бараат од секој што има информации или што можеби видел некој да се однесува сомнително да контактира со полицијата“, се вели во официјалното соопштение.

Од Челзи, исто така, потврдија дека се свесни за ситуацијата и му даваат целосна поддршка на својот играч, кој, според луѓе блиски до него, сè уште е под силен стрес по инцидентот.

За жал, ова не е прв пат Стерлинг да биде цел на крадци. Во последните седум години, неговиот дом три пати беше цел на организирани криминални групи.

Најпознатиот случај се случи во 2022 година, кога Стерлинг го напушти кампот на Англија на средина од Светското првенство во Катар, откако крадци провалија во неговиот дом во Кобам додека неговото семејство беше внатре. Украдени беа накит и часовници во вредност од околу 300.000 фунти.

Подоцна беше откриено дека Емилијано Крочи, 24-годишник кој беше осуден за повеќе од 30 обвиненија за кражби минатата година, стои зад оваа и слични провали. Истрагата откри дека помеѓу октомври 2022 и март 2023 година, украдени се вредни предмети во вредност од повеќе од 1 милион фунти.

Стерлинг претходно изјави дека слични инциденти оставиле трага врз неговото семејство и дека безбедноста на неговите деца станала апсолутен приоритет. Овој последен случај само ги продлабочи загриженостите за зголемениот број кражби во домовите на познати личности во Велика Британија.

Иако уште еднаш покажа неверојатна храброст и смиреност, се очекува Стерлинг да ги засили безбедносните мерки околу својот дом.

Британската јавност и навивачите на Челзи ја изразија својата поддршка за Стерлинг и неговото семејство, фалејќи ја неговата храброст и инстинкт да ги заштити најблиските. Како што заклучија медиумите – овој пат, благодарение на неговата смиреност и брзина, трагедијата беше избегната за само неколку секунди…

ИЗДВОЕНИ