вторник, февруари 10, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Козметиката и играчките под ризик – листата на забранети супстанци неажурирана 15...

Козметиката и играчките под ризик – листата на забранети супстанци неажурирана 15 години!

67

Државата не може точно да утврди дали и колку се штетни козметичките производи и играчките за деца што се продаваат, забележува Државниот завод за ревизија во својот извештај за работата на санитарната инспекција. Листата на забранети супстанции во козметиката не е ажурирана ниту еднаш од нејзиното донесување во 2010 година и не е усогласена со регулативата на Европската Унија. Листата опфаќа околу 1.600 супстанции, додека во ЕУ таа во меѓувреме е проширена на 1.751 забранета супстанција. Ваквата состојба остава можност во земјава легално да се продаваат производи што во ЕУ се веќе оценети како опасни по здравјето. Причината е и во тоа што Законот за безбедност на козметичките производи не предвидува обврска за редовно ажурирање на листата.

Уште позагрижувачка е состојбата со контролата на детските играчки. Во државата не постои ниту една лабораторија опремена за испитување на фталати и бор – супстанции чија штетност е јасно утврдена. Институтот за јавно здравје врши само ограничен број анализи, а во случај на оспорување на резултатите од првичниот примерок, не постои втора независна лабораторија што би ја повторила постапката. Со тоа, законски предвидената контрола останува само формална.

Утврдени се и слабости во инспекцискиот надзор – документацијата често е на странски јазици, над 90 отсто од предметите не се архивски заверени и потпишани, а во 63 отсто од запрените постапки нема приложени докази. ДЗР нотира и сериозен недостиг од кадар: Инспекторатот е пополнет со само 59 отсто од предвидените вработени, а мнозинството инспектори се на возраст над 50 години.

Ревизијата јасно укажува дека без итни законски измени, усогласување со европските стандарди и сериозни инвестиции во лабораториски капацитети и инспекциски ресурси, системот за заштита на јавното здравје останува нефункционален и недоволно подготвен да ја гарантира безбедноста на граѓаните.

Од Државниот санитарен инспекторат велат дека веќе постапуваат по забелешките на ДЗР. „Во однос на постапката за увоз на детски играчки, козметика и забелешката за сертификатите за безбедност кои се приложуваат при увоз, веќе се отпочнати преговори со релевантни чинители за изнаоѓање на прифатливо решение“, велат од ДСИ. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ