Немаме време за губење на решавање проблеми, анимозитети и недоразбирања од минатото, кои вештачки ни се наметнуваат, порача синоќа претседателката на државата, Гордана Сиљановска- Давкова. Таа се обрати на свеченоста по повод на доделувањето на наградата „Вељо Манчевски“, која традиционално ја доделува Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи.
Ова вредно признание, востановено пред четири години во спомен на првиот раководител на Верското повереништво во Македонија во 1943 година, годинава е доделено на четворица поединци и на една институција. За особен духовен, солидарен и хуман придонес, наградени се: протојереј ставрофор Ацо Гиревски, поранешен декан на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“; Шинаси Мемети, професор на Факултетот за исламски науки; протојереј Гоце Костов, уредник на Радио Марија благовест; хуманитарната организација Дијаконија „Мис Стон центар“, како и постхумно на Берта Романо-Николиќ, поранешна претседателка на Еврејската заедница во Македонија.
Честитајќи им на добитниците, претседателката Сиљановска-Давкова рече дека денешното време бара да живееме мирно и здружено.
– Потребно е храбро да бидеме свртени кон иднината, со јасна визија и со храбри решенија. Јас сум убедена дека нашите духовни и интелектуални лидери и нашите граѓани имаат здрави идеи и јасна и цврста волја да го придвижат општеството кон реформите и кон развојот. Човештвото, по кој знае кој пат, повторно е соочено со драматични премрежиња. Вие, верските лидери, сте бранители на духовноста и на моралноста – нагласи претседателката на државата.
Оливера Трајковска, претседателката на КОВЗ, рече дека живееме во време на големи предизвици, под влијание на глобалните текови.
– Сите ние треба да се прашаме што правиме? Дали го водиме човештвото нанапред или со своите постапки забораваме на титулата човек. Како претставници на духовни институции, како верски лидери имаме обврска да им оставиме вистински вредности на нашите млади луѓе. Сега, како никогаш досега, е вистинско време да ги вратиме моралните норми, да ги возобновиме добрината, љубовта, почитта, смирението и сите ние, меѓу себе, да го спроведуваме тоа. Промената почнува од единката, а потоа и во општеството. Во оној миг кога ќе бидеме ликот на моралната норма, кога ќе сведочиме за љубовта, вистината, почитта, добрината, толеранцијата, мирот, светот ќе стане подобро место за живеење – потенцира Трајковска. (Б. Ѓ.)












