Котор го ограничува бројот на автобуси со екскурзии, а казните за влез „на диво“ ги качи до 5.000 евра

31

Токму кога македонските граѓани почнаа да се враќаат на црногорското приморје, Црна Гора по примерот на Грција, Шпанија, Франција, Италија и многу други земји почна да им покажува заби на туристите. Прекумерниот туризам му пречи на локалното население, па општините и туристичките организации за ова лето преземаат мерки за да обезбедат одржлив туризам.

Прво најсеверното црногорско летувалиште, Херцег Нови, воведе такса од едно евро за организирани посети на стариот град, а сега и Котор, кој се смета за едно од најубавите и најпосетените места на црногорското приморје најавува ограничувања за туристичките посети. Во обид да го направи животот на локалното население поподнослив и да обезбеди основно функционирање на градот за време на претстојната шпиц туристичка сезона, Општина Котор ќе воведе серија мерки и значително ќе го заостри комуналниот ред и дисциплина.

Градоначалникот Владимир Јокиќ за „Вијести“ вели дека една од првите мерки што најверојатно ќе стапи на сила помеѓу 1 и 10 јуни е „ограничување на бројот на туристички автобуси со екскурзии што доаѓаат во Котор секој ден, на она што овој град може да го смести“.

-Ова значи дека на почетокот на јуни ќе биде лансирана посебна апликација каде што туристичките агенции или операторите на екскурзивни автобуси ќе купуваат временски термини од 5, 10 или 15 минути во Беново, единственото место каде што ќе можат да се паркираат, за да ги земат патниците и да ги остават таму, а потоа автобусот ќе добие свое место на друг паркинг, за кој мора да плати посебно. Временскиот термин за качување на патници во Беново исто така ќе се купи преку апликацијата, а ниеден автобус нема да може да се појави во градот со патници по тој термин, рече Јокиќ и додава дека за ненајавено пристигнување на автобуси во Беново или за непочитување на термините дадени со апликацијата предвидени се најригорозни казни во регионот – до 5.000 евра.

За да се дестимулира паркирање на автомобили во близина на Стариот град, цените на паркинзите на ривата и на Беново драстично ќе се зголемат.  Исто така, од владата ќе се побара да го забрани сообраќајот на товарни возила во градот за време на туристичката сезона.

Јокиќ не крие дека мерките што ќе бидат преземени ќе влијаат на големите економски интереси на бројни поединци и компании кои сега буквално го експлоатираат градот, поради што тој не ги исклучува бурните реакции од дел од јавноста и притисоците што ќе доаѓаат од сите страни за да се откаже од овој план, но како што вели, тој нема намера да се откаже.

-Ние со сите овие мерки ќе се обидеме да го направиме животот на нашите луѓе полесен и поподнослив, заклучува Јокиќ, кој е најмладиот градоначалник во историјата на Котор.

Минатата година во Котор, град со површина од 335 квадратни километри, кој има малку над 22.600 жители дошле 700.000 гости во над 20.000 туристички автобуси.

 

ИЗДВОЕНИ