Иако не се најде ниту во категоријата за најдобар интернационален филм ниту за најдобар документарен филм на потесните листи со кандидати за „Оскар“ на Американската академија за подвижни слики, уметност и наука, како што изјави Тамара Котевска, сепак, филмот „Приказната за Силјан“ и понатаму ќе има огромни успеси на својот пат. Позитивна и насмеана, младата македонска режисерка вчера во Скопје најави дека наскоро ќе може да биде организирана и премиерата на филмот во нашата земја

– Многу сум среќна што сум овде и што ги гледам овие луѓе на едно место, по една многу интензивна кампања. Ова ми е омилениот настан во овие два месеци. Лично не сум ни малку разочарана, бидејќи ова ми е втора кампања и веќе знам какви сè ситуации и политички игри се случуваат со тоа. Не сум разочарана, бидејќи, за мене, некако заврши приказната кога „Нешенал џеографик“ го купи филмот, како врв во кариерата на еден филмаџија. Понатаму, сè друго е бонус и дел од некои елитни игри што супер ние, како Македонија, имавме шанса да ги играме – рече македонската режисерка Тамара Котевска вчеравечер, на настанот во Скопје организиран по повод објавувањето на потесните листи со кандидати за „Оскар“ од страна на Американската академија за подвижни слики, уметност и наука, на кои, за жал, „Приказната за Силјан“ не се најде ниту во категоријата за најдобар интернационален филм ниту за најдобар документарен филм.

Но, Котевска истакна дека верува дека, сепак, ние, како Македонија, ќе ги играме тие игри и понатаму.

– И не само со мене туку и со многу други филмаџии, бидејќи македонскиот филм сè повеќе расте. Ова е уште една врата што отвора простор за да бидат видени нови (македонски) филмови. Тоа што го видов е дека луѓето сега ја знаат Македонија и знаат каде е на мапа, знаат што се случува, сакаат да дојдат во Македонија, што ми и е особено драго – посочи таа.

Додаде дека „Силјан“ и понатаму ќе има огромни успеси на својот пат.

Испрати и порака до сите филмаџии во нашата земја, кои, како што рече, многу ги поддржува: „Мораме да продолжиме да се бориме, бидејќи ние, како земја, не сме добро политички позиционирани, и мораме да го имаме тоа предвид и, можеби, некои стремежи се понереални од она што го мислиме, како оние за „Оскар“. Меѓутоа, нашиот напредок, како мотивирани индивидуи што сакаат да направат квалитет во филмот, со секоја година сè повеќе се потврдува и сакам овој успех на „Силјан“ да биде мотивација за сите други да продолжат да работат интензивно и да постигнеме нови резултати во иднина.“

Позитивна и насмеана, младата македонска режисерка доби голема поддршка, многу аплаузи, честитки и искрени желби од сите присутни на настанот. А таа, пак, најави дека наскоро ќе може да биде организирана и премиерата на „Силјан“ во нашата земја.

Томи Салковски, продуцент и претседател на Комисијата за избор на македонски кандидат за „Оскар“ при Друштвото на филмските работници на Македонија, пак, рече дека кандидатурата на „Силјан“ пристигнала последна.

– Имаше доста дискусија, многу разговаравме, имавме еден игран и два документарци. Филмот на Котевска е најнискобуџетен, не е подржан од Агенцијата за филм (потоа таа влезе со средства за промоцијата за „Оскар“) и е класично независен, а тоа му дава дополнителна големина и тежина – додаде Салковски.

Инаку, „Силјан“ веќе ја започна својата кинодистрибуција. Откупен од еден од најреномираните светски дистрибутери на документарни филмови во светот, „Нешенал џеографик документари филмс“, има можност да стигне до публика во над 170 земји преку каналите на „Нешнал џеографик“ и на „Дизни+“, со силна маркетинг и фестивалска поддршка. Периодов се закити и со неколку награди на фестивалите на северноамериканскиот континент, како и со неколку номинации, меѓу кои и за престижните награди „Синема ај“ (Cinema Eye Honors). Документарецот, инспириран од познатата бајка, ја следи судбината на Никола, земјоделец, кој по тешка криза останува сам и на депонија пронаоѓа бел штрк со повредено крило. Својата светска премиера ја имаше на 82. Венециски фестивал и оттогаш доби повеќе позитивни реакции и од светската филмска критика и од публиката.

Дека Котевска продолжува со успесите, потврдува и фактот што деновиве, за својот прв игран филм, „Човек против јато“, кој е уште во подготовка, ја освоила главната награда на фестивалот „Лез аркс“ во Франција, која ѝ овозможува целосна постпродукција во Париз. (Н.И.Т.)

Фото: Ѕ.Плавевски

ИЗДВОЕНИ