Македонската режисерка Тамара Котевска беше поканета на дискусија за филмот „Една битка по друга“ (One Battle After Another) на која присуствуваа актерите што ги толкуваат главните улоги во ова остварување: Леонардо ди Каприо, Бенисио дел Торо, Тијана Тејлор, Чејс Инфинити, Регина Хал.

Како член на Американската академија за филмски уметности и науки и како гласач, Котевска била единствениот претставник од филмаџиите на документарци, а меѓу 30-ината избрани и поканети холивудски гласачи на настанот за филмот во режија на Пол Томас Андерсон, кој годинава има најмногу номинации за наградата „Златен глобус“.

Настанот започнал со обраќање на актерите, кои од прва рака ги раскажале своите приватни доживувања во текот на снимањето. Пред одбраната публика, која се состоела од познати актери и режисери, тие споделиле хумористични детали од снимањето и од соработката со режисерот.

Од настанот, Котевска сподели и дека лично поразговарала со Ди Каприо, кој многу добро се сеќавал на „Медена земја“ и на неа, оти со неа ја делеше сцената на фотографијата од номинираните во 2020 година. Посочила дека имаат ист интерес: документарци за екологија.

– Тој е силен поборник на документарците за екологијата и за природата, а оваа година, како продуцент преку „Ди Каприо фондацијата“, повторно има свој кандидат што е во трка за „Оскарите“, а чиј режисер е Австриецот Ричард Ладкани, инаку заеднички пријател на Котевска и на Ди Каприо. Во разговорот со Котевска, Ди Каприо пројавил желба да го гледа „Приказната за Силјан”. Тој бил доста љубопитен за филмот и за неговиот молскавичен пробив на кампањата годинава – соопштија од агенцијата што работи ПР на филмот „Силјан“.

На настанот, Котевска имала можност да поразговара и со Бенисио дел Торо и со Тијана Тејлор.

– Да се градат односи и пријателства низ годините со холивудските ѕвезди, кои ми биле најголемо влијание како дете да ѝ се посветам на филмската магија, е како некаков чуден сон, кој отсекогаш се чинел недостижен. Но, кога си таму со нив, во истата малечка просторијата, делиш оброк заедно, гледаш колку се тоа обични луѓе, кои минуваат низ истите трауми, искушенија, несигурност и притисоци со секој нов филм, како и сите ние други филмаџии на планетава. Тоа е едно особено чувство што ги руши сите предрасуди и бариери дека е невозможно да се достигне нешто – изјави Котевска како доживување од настанот.

ИЗДВОЕНИ