Украинската тенисерка Марта Костјук со победа го почна настапот на Ролан Гарос, но сцените по мечот го потресоа тенискиот свет. Костјук славеше против Оксана Селекметева со 6:2, 6:3, а веднаш потоа низ солзи зборуваше за драмата што ја преживеало нејзиното семејство само неколку часа пред мечот.

Дваесет и тригодишната Украинка откри дека утрото дознала за силен напад во Киев, кој се случил во непосредна близина на домот на нејзините најблиски. Според неа, проектил погодил зграда на само стотина метри од местото каде што се наоѓале нејзините мајка, сестра и прабаба.

Иако никој од семејството не бил повреден, Костјук призна дека целиот ден го поминала во страв и неизвесност.

  • Буквално чувствував мачнина цело утро. Не можев да престанам да мислам дека можеше пожарот да биде уште поблиску до нашата куќа. Денес, можеби, немаше да ги имам мајка ми и сестра ми – изјави видно потресената тенисерка.

Таа додаде дека не размислувала да се повлече од мечот, бидејќи знаела дека сите се живи, но дека во текот на натпреварот со мислите постојано се враќала дома.

Публиката во Париз ја поздрави со голем аплауз, а емотивните сцени веднаш станаа една од најтрогателните приказни на турнирот.

Костјук веќе подолго време е меѓу најгласните украински спортисти кога станува збор за осудата на војната, а и овој пат остана доследна на својот став. На крајот едвај ги задржа солзите.

  • Плачев цело утро… Денес навистина не сакам да зборувам за мене и за тенисот – порача Украинката во сцени што никого не оставија рамнодушен.

 

ИЗДВОЕНИ