Пратеничката група од „Европски фронт“ поднела интерпелација до претседателот на Собранието, Африм Гаши, за претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Пратеникот Илир Хасани, на прес-конференција, образложи дека интерпелацијата е поднесена за работата на Костадиновски, односно го прекршил актот на Судот кога го изразил јавно своето мислење за прашање што било предмет на спор пред Уставниот суд, односно за Законот за употреба на јазиците. Според пратеникот од „Европски фронт“ предводен од ДУИ, Костадиновски има предрасуди кон албанскиот јазик и прашува што има против албанскиот јазик.
– Во причините за интерпелацијата може да споменеме интервју што е дадено во август 2024 година, за новинарската агенција МИА, каде што цитирам „дека политиката што ја создаде тој закон, создаде еден вид правен хаос, што резултираше со политички хаос, недоверба и дилема. Факт е дека се спроведува Законот и дека создава проблеми со неговата имплементација“. Оваа изјава поставува неколку прашања: Врз основа на кој член од Уставот или конкретен закон претседателот на Уставниот суд смее да карактеризира закон како извор на политички и правен хаос и дали е во надлежност на претседателот на Уставниот суд да утврди проблеми во спроведувањето на Законот и да предвиди законодавна интервенција? Ваквите изјави ги намалуваат рамките на надлежностите дефинирани со закон и создаваат серија сомнежи за непристрасноста на претседателот на Судот во случаи што сè уште се во фаза на разгледување – изјави Хасани и нагласи дека оваа иницијатива нема цел да изврши притисок врз Уставниот суд за разлика од другите претходни интерпелации, кои биле од политичка природа, туку има социјално и медиумско влијание.
Претседателот на Уставниот суд вели дека не коментира политички изјави, а за можноста за интерпелација на уставен судија упати да се прочита Уставот, каде што институтот „интерпелација“, предвиден во членот 72, во никој случај не се однесува и не може да се примени за уставните судии, бидејќи се губи смислата на Судот и се прави тешка повреда на највисокиот правен акт, како и упад во уставно-судската власт, во самостојноста и независноста на Уставниот суд.