Поранешниот градоначалник Костадин Костадинов тврди дека сите процедури за набавката на електричните автобуси биле спроведени законски и најавува целосна соработка со институциите.
Инаку, МВР денеска поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник и уште пет лица за злоупотреби во постапката за јавна набавка на електрични автобуси.
- Ги отфрлам во целост наводите за сомнение за сторено кривично дело во врска со јавната набавка на електричните автобуси во Струмица, објави поранешниот градоначалник Костадин Костадинов на неговиот фејсбук-профил.
Според него, проектот од стратешко значење за општина Струмица, од кој денес сите жители имаат јасни економски, еколошки и сообраќајни бенефити, бил инициран од Општината, изгласан на Советот и спроведен преку формирање Јавно сообраќајно претпријатие, јавна набавка и целосна имплементација.
- Верувам дека сите овие чекори се спроведени според важечките закони. Истовремено, потенцирам дека лично јас, а се надевам и сите наведени лица за кои постои сомневање дека сториле кривично дело, стоиме на располагање на сите надлежни органи со цел да биде појаснето како е спроведен овој проект, кој денес беспрекорно функционира“, напиша Костадинов откако МВР соопшти дека против него е поднесена кривична пријава за набавката на електричните автобуси.












