На автопатот Охрид – Кичево ќе се изведуваат сложени инженерски и градежни зафати. Вакви зафати по прв пат се изведуваат во регионот, а сè со цел да се овозможи стабилизирање на косините и на земјиштето од овој обем.

– Ова го изведуваме за целосна доизградба и за ставање во функција на безбедно автопатско решение – истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски, пратеникот Ѓорѓи Сајкоски и градоначалниците од Кичево и Дебрца, извршија увид на работите на автопатот Охрид – Кичево.

– Ние досега само зборувавме колку е тежок овој проект, но денеска целата македонска јавност може да се увери дека се работи за најтешкиот инженерски проект, не само во Македонија туку и во целиот регион. Се работи буквално на пробивање на планини, за косини кои се од 100 до 200 метри, за земјиште кое постојано се спушта до главната траса и за бројни проекти, кои, за жал, не биле решавани 11 години откако почнал да се гради овој автопат. Со изборот на новата Влада, почнаа овие проблеми да се решаваат. Решаваме вкупно 16 косини, од кои на 14 ќе имаме стабилизација со таканаречени галерии, нешто што по прв пат ќе се изведува, не само во Македонија туку во целиот регион, каде што со армиран бетон се застанува цела планина, нешто што регионот го нема видено – истакна Николоски.

Вицепремиерот Николоски упати благодарност за посветеноста на сите инволвирани работници, изведувачи и инженери, кои работат на изведбата на овие инженерски зафати и како што нагласи, целта на изградбата на автопатот Охрид – Кичево не е само да се заврши, туку да биде и безбеден патен правец кој ќе се користи во наредните децении.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ