сабота, јули 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Кошта нема да ни го смени есапот 

Кошта нема да ни го смени есапот 

1016

Посетата на висок европски политичар нема да ја промени македонската принципиелна позиција во однос на евроинтеграциите, порача прмеиерот Христијан Мицкоски, само неколку часа пред во Скопје да го пречека претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Мицкоски предупреди дека Македонија нема повторно да влегува во политички авантури без јасен исход, барајќи цврсти гаранции дека нема да следуваат нови условувања на патот кон ЕУ. Според премиерот, доверба може да се гради само со конкретни потези и од Софија, а не со еднострани барања кон Скопје  

Македонија инсистира на европски гаранции, не прифаќа нова политичка авантура 

Нефер и несериозно е да се очекува дека ќе дојде висок европски политичар и ние наеднаш ќе ја промениме позицијата, изјави премиерот Христијан Мицскоски во пресрет на средбата во Скопје со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Мицкоски рече дека нема да поддржи авантура без извесен крај. Премиерот порача дека ако сите европски политичари се едногласни дека нема да има повеќе условувања, тогаш предлага ние како држава да добиеме нови заклучоци во коишто тоа ќе биде содржано. Мицкоски рече дека во текот на целиот евроинтеграциски процес македонската страна покажува дека е конкурентна, капацитетна и оти има волја за брзо завршување на процесот, но, без јасна перспектива и извесен исход, не можеме да влеземе во таква авантура.

– Ние многупати досега сме го кажале нашиот став и тој останува непроменет. Ако ги оставиме настрана изјавите и конструкциите на опозицијата, зборуваме за реална политика и за политика што навистина се практикува. Како претседател на Владата, немам намера да поддржам авантура, без да знам дека таа има извесен крај. Покажуваме дека сме конкурентни, дека имаме капацитет, знаење и волја бргу да го поминеме овој процес. Но, без јасна перспектива и извесен исход, не можеме да влеземе во таква авантура. Три и пол децении граѓаните на оваа земја беа сведоци на политички авантури и маневри, а денес сме практично на истото место каде што бевме и пред 25 години кога го почнавме овој процес. Затоа не е фер и не е сериозно да се очекува дека ќе дојде некој висок европски политичар и ние веднаш ќе ја смениме нашата позиција. Тоа нема да се случи, рече премиерот Мицкоски за очекувањата од посетата на Кошта.

Премиерот посочи и дека покрај уставните измени што се бараат за земјава, треба да се види и испорака од Бугарија и спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, но, за да се дојде до таа ситуација, треба прво да почне да се разговара. Во моментов, истакна тој, македонската влада не знае со кого треба да преговара затоа што реакциите од Софија се различни по тоа прашање. Мицкоски најави дека на средбата со Кошта ќе истакне дека најпрво треба да почне да се работи на создавање доверба, а тоа би се постигнало преку разговори.

– Ако улицата е еднонасочна, доверба не може да има. За да изградиме доверба, треба да видиме и конкретни чекори од другата страна. Нашиот став е јасен, кажете ни еден ден однапред каде треба да дојдеме и со кого треба да разговараме, и ние ќе бидеме таму. Проблемот е што не знаеме со кого да разговараме. Од една страна, официјална Софија вели дека ова е прашање меѓу Македонија и Европската Унија, па одиме во Брисел. Од друга страна, потоа се поставува прашањето зошто разговараме без Бугарија. Кога велиме да разговараме директно со Софија, повторно го слушаме истиот одговор. Ние сме сериозни луѓе и сакаме да разговараме. Потребен ни е само јасен сигнал, посочи Мицкоски.

Во однос на забелешките од опозицијата, премиерот рече дека во обидот да добијат политички поени, опозиционерите кои ја наметнуваат оваа тема само ја слабеат позицијата на државата. Мицкоски рече и дека е свесен дека Бугарија се соочува со внатрешни предизвици по изборниот процес, економски проблеми, инфлација и друго, што создава дополнителна недоверба, но додаде дека како добар сосед сме подготвени да помогнеме секогаш кога тоа е потребно.

Македонскиот премиер ги испрати овие пораки само неколку часа пред доаѓањето на високиот европски гостин во Скопје. Најавено е дека Кошта попладнево од Тирана ќе пристигне на „Илинденска“, каде на агендата е средбата со Мицкоски. Посетата на претседателот на Европскиот совет е во рамките на неговата дипломатска турнеја на Западен Балкан, што ја започна во Сараево, а ќе ја заврши во Црна Гора, каде во петок во Тиват ќе копретседава со самитот ЕУ – Западен Балкан. Утре, Кошта оди во Приштина, а в четврток ќе го посети Белград. Пред стартот на турнејата, тој упати писмена порака дека неговата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасен сигнал: посветеноста на ЕУ кон регионот е реална, исто толку реална колку и можноста за проширување. Моментумот е тука, рече Кошта и сега е време да се испорачуваат резултати. (В.С.Н.)

 

 

ИЗДВОЕНИ