Кошта го ублажи тонот – разумно е Македонија да добие гаранции!

Претседателот на Европскиот совет со сигнал за ублажување на тврдата позиција на Брисел – пораката дека е „разумно“ да ѝ се дадат гаранции на Македонија дека нема да има нови услови, претставува прв конкретен исчекор во насока на барањата од Скопје. Изјавата доаѓа само по три месеци од посетата на Кошта на Скопје, кога категорично ги отфрли можностите за нови договори и гаранции. Новиот тон од Брисел сугерира дека европските институции сè појасно ја препознаваат потребата од гаранции за земјава. Прашањето сега е дали Бугарија ќе го следи овој сигнал и, уште поважно, дали Брисел, конечно, е подготвен да изврши реален притисок врз Софија за да го деблокира европскиот пат на Македонија

32

Од „нема потреба од гаранции“ до „разумно е да ги има“, Брисел испраќа нови сигнали во однос на македонските евроинтеграции и барањето на официјално Скопје земјава да добие гаранции од Унијата и од Бугарија дека по вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав, нема да има дополнителни билатерални пречки на патот кон ЕУ. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, од Софија испрати ваква порака, која е во линија со македонските позиции – дека е разумно и неопходно да ѝ се гарантира на земјава дека по исполнувањето на тековните обврски, нема да следуваат нови барања. На заедничка прес-конференција со бугарскиот премиер, Росен Жељазков, Кошта изјави дека Скопје мора да ги исполни своите обврски за да напредува кон ЕУ, но, исто така, дека е разумно земјава да добие гаранции. Тоа претставува исчекор во однос на позицијата на Брисел од посетата на претседателот на Европскиот совет во Скопје, во мај годинава, кој тогаш беше дециден дека нема план Б и дека нема што повеќе да се договара.

– Многу е важно да се изгради доверба и да ѝ се гарантира на Северна Македонија дека она што го очекуваме и сакаме во моментов, не е нешто што ќе продолжиме да го прошируваме со нови барања подоцна. Нема да бараме ништо повеќе. Тоа е разумно – изјави Кошта од Софија, додавајќи дека ваквите уверувања се клучни за напредокот на земјата кон Европската Унија.

Кошта потсети дека во 2022 година, Европскиот совет ги одобрил условите за пристапување на Македонија во ЕУ и дека земјава мора да ги исполни тие обврски за да напредува во преговорите.

– Лично сум многу ангажиран во овој процес, ги посетив и Бугарија и Република Северна Македонија. Верувам дека по изборите во Република Северна Македонија, ќе можеме да продолжиме напред. Република Северна Македонија веќе долго време работи на овој процес. Го разбирам незадоволството на Република Северна Македонија, бидејќи го измени Уставот, го смени националното знаме, па дури и името на државата. Природно е да очекува процесот за пристапување кон ЕУ да напредува. Но, она што е одобрено – е одобрено, она што е договорено – е договорено, и тие мора да го исполнат – изјави Кошта, одговарајќи на прашање дали Бугарија може да смета на поддршка од Европскиот совет и од Европската комисија за вклучување на Бугарите во македонскиот Устав.

Претседателот на Европскиот совет рече дека процесот на пристапување бара многу, но најважно е да се променат ставовите, а клучот е регионот самиот да може да ги надмине конфликтите од минатото и да се фокусира на заедничката иднина. Тој потсети дека кога ќе се појават сомнежи дали е можно тоа, треба да се сетиме како е создадена ЕУ, чиј успех произлегува од одлуката на земјите како Франција и Германија да го остават минатото зад себе.

– Нашиот сојуз е роден од пепелта на Втората светска војна, кога земји како Франција и Германија, по три драматични војни, решија да кажат „доста е“. Ги надминавме конфликтите од минатото и сега е време да работиме заедно за да изградиме заедничка иднина – заклучи Антонио Кошта.

Жељазков повтори дека позицијата на Бугарија останува непроменета и дека Софија е доследна во своите ставови. Посочи дека Бугарија очекува почитување на договорот за добрососедство и вметнување на Бугарите во Уставот.

– Нашата позиција секогаш била принципиелна. Компромисното француско предлог-решение беше одобрено и од Советот и од бугарското Собрание. Нема промена на нашите принципи или пристап. Верувам дека жалбата до Уставниот суд на Република Северна Македонија на потпишаниот протокол кон Договорот за добрососедство беше апсолутно неоправдана, експлицитно, и е дел од консензусот од 2022 година. Никогаш не сме барале аргументи во внатрешнополитичките дебати во Република Северна Македонија, но се надеваме дека говорот на омраза и почитувањето на правата на бугарското малцинство, вклучително и обврската да бидат вклучени во Уставот на Република Северна Македонија, ќе бидат исполнети, бидејќи тоа е предуслов за нивно продолжување по патот на полноправно членство – рече бугарскиот премиер.

И на средбата пред два месеца, во Брисел, Жељазков го убедуваше Кошта дека Бугарија нема да поставува нови услови за Македонија и дека нема да го претвори евроинтегративниот процес во билатерално прашање. И тогаш ставот на бугарскиот премиер беше дека имплементацијата на компромисот од 2022 година, вклучително и уставните измени со впишување на бугарската заедница, останува неопходен предуслов за почеток на преговорите.

Пред три месеци, во Скопје, прашан дали Македонија ќе ги добие бараните гаранции од Европската Унија дека нема да има нови билатерални барања од Бугарија по вметнувањето на Бугарите во Уставот, Кошта рече дека нема план Б за отворање на преговорите, туку „она што е договорено – е договорено и нема повеќе што да се договара“ и „Европската Унија очекува земјава да го исполни договореното за да ги започне преговорите за членство во ЕУ“. На средбата во мај во Скопје, и Кошта и Мицкоски останаа на познатите ставови на Брисел и на Скопје – Кошта инсистираше дека Македонија мора да ги исполни преземените обврски од 2022 година, односно земјава да ги усвои уставните измени со кои треба да се вметнат Бугарите во македонскиот Устав, додека премиерот Мицкоски беше дециден дека додека е тој премиер, нема да се случи тоа, сè додека од другата страна, односно Бугарија, има нула испорака. И Мицкоски и Кошта тогаш се согласија дека процесот на евроинтеграција на земјава трае премногу долго. (В.С.Н.)  

ИЗДВОЕНИ