Кошта дојде со ултиматум за уставни измени, Мицкоски го испрати со црвени линии!

Она што е договорено е договорено и нема повеќе што да се договара. Европската Унија очекува земјава да го исполни договореното за да ги започне преговорите за членство во ЕУ, порача денеска од Скопје, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, прашан дали Македонија ќе ги добие бараните гаранции од Европската Унија дека нема да има нови билатерални барања од Бугарија по вметнувањето на Бугарите во Уставот. Високиот гостин од Брисел ја оцени како конструктивна средбата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, иако двајцата останаа на познатите ставови на Брисел и на Скопје – Кошта инсистира дека Македонија мора да ги исполни преземените обврски од 2022 година, односно земјава да ги усвои уставните измени со кои Бугарите треба да се вметнат во македонскиот Устав, додека премиерот Мицкоски е дециден дека додека е тој премиер, тоа нема да се случи, сè додека од другата страна, односно Бугарија, има нула испорака. И Мицкоски и Кошта беа согласни во тоа дека процесот на евроинтеграција на земјава трае премногу долго

2017

Македонија нема да ги добие бараните гаранции од Европската Унија дека нема да има нови билатерални барања од Бугарија по вметнувањето на Бугарите во Уставот. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска од Скопје ги повтори познатите позиции на Брисел дека „она што е договорено е договорено и нема повеќе што да се договара“ и дека Унијата очекува земјава „да го исполни договореното за да ги започне преговорите за членство во ЕУ“. Високиот гостин од Брисел ја оцени како конструктивна средбата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, иако двајцата останаа на познатите ставови на Брисел и на Скопје – Кошта инсистира дека Македонија мора да ги исполни преземените обврски од 2022 година, односно земјава да ги усвои уставните измени со кои Бугарите треба да се вметнат во македонскиот Устав, додека премиерот Мицкоски е дециден дека додека е тој премиер тоа нема да се случи, се додека од другата страна, односно Бугарија, има нула испорака. И Мицкоски и Кошта беа согласни во тоа дека процесот на евроинтеграција на земјава трае премногу долго.

Претседателот на Европскиот совет беше дециден дека не постои план „Б“ за отворање на преговорите.

-Не ви треба план Б, туку само реализирање на планот А и тоа е нашиот фокус, тоа е фокус на премиерот Мицкоски и тоа треба да биде фокусот на 27. земји членки на ЕУ. Ја посетив Бугарија пред две недели од таа причина, и ако ме прашувате какви гаранции имаме, јасно е: она што е договорено е договорено и нема повеќе што да се договара. Сега треба да се исполни тоа што е договорено, и нема повеќе простор да се прашува што уште треба да се договара, изјави Кошта.

Процесот е маратон, а не брза трка

Кошта го охрабри македонскиот премиер да вложи напори за да го овозможи натамошниот напредок на земјава во процесот на ЕУ.

– Може да сметате на нас, на ЕУ, затоа што ние ви стоиме на располагање подготвени да ја искористите оваа динамика. Клучно е да се продолжи со реформите и да се инвестира во владеењето на правото и борбата против корупцијата. Сакам да ја уважам и вашата усогласеност со нашата заедничка надворешна и безбедносна политика. Северна Македонија заврши многу работа и затоа треба да останете на тој правец. Пристапниот процес е повеќе маратон, а не брза трка, тоа е напорен процес што понекогаш може да фрустрира, како што се случило и со сите претходни кандидати. Но сите тие ја постигнаа целта, секако и вие ќе ја постигнете целта но со вашата решеност, напорна работа и соработка, ќе успеете на крај со заобиколување на пречките, изјави Кошта на заедничката прес-конференција со премиерот Мицкоски.

Нема промена на устав без испорака од Бугарија

Македонскиот премиер остана јасно на своите ставови дека додека е тој премиер нема да менуваме Устав, без да видиме јасна испорака од другата страна.

-Нашиот став е јасен и принципиелен. Ние тоа не можеме да го прифатиме без да видиме добра волја испорака од соседната страна. Не можеме ние да менуваме Устав по којзнае кој пат, а без да имаме јасна порака и јасна испорака од другата страна, а тоа е бугарската страна. Никој кај нас нема проблем како дел од преамбулата да ги вметне да речеме, Хрватите, Црногорците, Словенците и останатите, затоа што имаме принципиелен однос со тие држави. Дури ни Португалците, ни Шпанците, ни Французите, немаме таков проблем. Доста ние како држава направивме во името на тие европски интеграции во името на европската иднина. Ќе ве потсетам менувавме знамиња, менувавме име, менувавме Устав, како никој досега. Затоа реков да, фрустрирачки е патот и тежок. Но за нас е исклучително фрустрирачки и тежок и се уште не почнал уште се наоѓаме онаму каде што бевме пред 20 години, рече Мицкоски и потсети дека предлогот во 2022 година, беше потпишан и прифатен од претходната Влада на СДСМ и ДУИ, така што, како што рече, се суспендираше Парламентот затоа што за да се случи промена на Устав се потребни две третини.

Во однос на тоа дали ќе продолжи да бара одложена примена на уставните измени или ќе се бара креативно толкување на Преговарачката рамка, како што рече претседателката Гордана Сиљановска Давкова, Мицкоски рече дека ставот останува јасен и непроменет, а пораката што ја кажа претседателот Кошта е порака која ние ја слушаме долго време и ќе ја слушаме доколку нема прогрес во процесот. Македонскиот премиер повтори дека евроинтегративниот процес треба да се темели на вредности, не на билатерални прашања.

-За жал, претходната Влада прифати такво билатерално прашање да биде дел од нашата европска иднина. Јас тоа не можам да го прифатам. И нема никогаш да го прифатам и ќе се борам колку можам и додека можам. Да најдеме начин да излеземе од овој процес во којшто сме сега. Јас не можам да излезам и немам совест да излезам пред македонските граѓани, и да им кажам дека ќе биде променет Уставот, а притоа да заборавам дека најмалку 14 пресуди од Стразбур има за Македонците од другата страна на границата кои Бугарија игнорира да ги примени. Не можам никогаш да се сложам на било што поврзано со промена на Уставот, ако знам дека една земја членка на ЕУ, се уште го доведува под прашање мојот мајчин македонски јазик и мојот македонски идентитет, истакна Мицкоски и најави дека ќе се засили посветеноста во процесот на ЕУ за достоинствено да се одблокира европскиот пат.

Разговори во Брисел, а не билатерално

Во однос на тоа зошто не иницира разговори со бугарската страна, сега кога веќе во Софија има политичка, а не техничка Влада, македонскиот премиер предочи дека претседателката Сиљановска Давкова имаше средби со бугарскиот претседател, а и дека тој е подготвен во секое време во Брисел, во присуство на Кошта или претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен да разговара со претставници на официјална Софија, со што стави до знаење дека претпочита евентуалните разговори со бугарската страна да бидат со посредство на ЕУ, и тоа во Брисел, а не во Скопје или Софија, како билатерален проблем.

-Веќе претседателката имаше на ниво на претседатели неколку состаноци со нејзиниот колега од Бугарија. Така што, не е само состанокот на министерско ниво, а јас сум подготвен во било кое време, и таа подготвеност му ја пренесов на претседателот Кошта да дојдам во Брисел, дали во негово присуство, во присуство на претседателката Фон дер Лајен, да седиме и разговараме кога било и колку било да треба за да дојдеме до заедничко решение како и двете страни да испорачаат, рече Мицкоски.

Претседателот на Европскиот совет  во Скопје имаше средба и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која мораше да го почека во Вила водно, поради доцнењето на агендата и подолгиот состанок со Мицкоски од планираното.

Кошта дојде во Скопје во рамките на турнејата во земјите од Западен Балкан, откако претходно ги посети Белград, Сараево, Подгорица и Приштина, а од Скопје, беше планирано заедно со Мицкоски да отпатува за Тирана, каде утре учествуваат на шестиот самит на Европската политичка заедница. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ