Љубителите на кошарката одамна немаа видено ваков хаос во НБА-лигата, а сега доаѓаат драконски казни за сите учесници во тепачката. Имено, во второто полувреме од натпреварот помеѓу Шарлот хорнетс и Детроит пистонс, неколкумина кошаркари си разменија по неколку удари, поради што судиите мораа да реагираат со исклучување.
Сè започна на средината од третата четвртина, кога играчот на Хорнетс, Муса Дијабате, го фаулираше центарот на Детроит, Џален Дурен, додека шутираше од под рекетот. Откако беше досуден фаул, двајцата кошаркари се соочија лице в лице и разменија по неколку збора. Потоа Дурен го турна Дијабате. Ова дополнително ги разгоре тензиите. Дијабате се упати кон Дурен, ситуацијата брзо ескалираше, па на теренот се собраа толпа луѓе.
Помошниците тренери и судиите учествуваа во разделувањето на играчите, но Дијабате во еден момент се обиде повторно да стигне до Дурен. Кратко потоа, Мајлс Бриџис се приклучи во тепачката, упатувајќи се кон Дурен, по што реагираше Исаија Стјуарт, иако не беше во игра во тој момент.
- Ова беше многу тензичен натпревар. Беше преполн со емоции. На крајот на краиштата, би сакале да зборуваме само за кошарката, но се случуваат вакви работи. Работата е што сите игравме напорно. Сепак, морам да истакнам дека во текот на целата сезона, нашите противници сакаа да ни влезат во глава – истакна Дурен по натпреварот.
Потоа настана метеж на клупите на двата тима, каде што судиите имаа полни раце работа за да ја смират ситуацијата. По долго разгледување, арбитрите решија да исфрлат четворица играчи: Дијабате, Бриџис, Дурен и Стјуарт.
Во моментот на пауза, Пистонс водеше со 70:62. Се очекува лигата да изрече дополнителни казни во наредните денови.
По натпреварот, тренерот на Детроит, Џ.Б. Бикерстаф, не го криеше своето незадоволство и јасно го обвини Хорнетс за инцидентот.
- Беше очигледно дека, поради фрустрација од играта на Дурен, тие ја преминаа границата. Не сакате да гледате вакви работи, но ако тргне некој кон вас, имате право да се заштитите – рече Бикерстаф.
Хаосот не заврши тука. Тренерот на Шарлот, Чарлс Ли, беше исклучен на средината од четвртата четвртина, поради бурната реакција на одлуката на судијата.
Откако Грант Вилијамс направи офанзивен фаул врз Пол Рид, Ли почна гласно да протестира, а неговите соиграчи едвај го задржаа. Судиите реагираа брзо и го испратија Ли во соблекувалната, што ги отежна работите уште повеќе за Хорнетс.
- Ја преземам одговорноста. Чувствував дека критериумите беа неконзистентни – рече Ли по натпреварот.
На теренот, Пистонс успеа да го задржи водството до крајот и да забележи вредна победа.











