Македонската женска кошаркарска репрезентација со победа над Данска (79:78) ги започна квалификациите за пласман на Евробаскетот во 2027 година. Овој триумф е од особено значење, бидејќи претставува прва домашна победа за македонската женска репрезентација по цели 17 години. Последната победа на домашен терен беше забележана на 27 август 2008 година, кога Македонија ја совлада Естонија со 67:64, во рамките на тогашната Б-дивизија.
На изедначен натпревар на кој ниту една од репрезентациите не дојде до двоцифрена предност, нашата селекција подобро се снајде во завршницата, кога дојде до највисоки +6 (74:68). На крајот, гостинките имаа напад за победа, но нашите девојки успеаја да се одбранат и да дојдат до стартна победа во групата – Ф, во која се и Хрватска и Грција.
Селекторот Александар Ашаданов е задоволен од прикажаното на своите девојки, кои покажаа како се гине за дресот со државниот грб.

- Прво, честитки до мојот тим за прикажаното. Нешто што е најдобро и најубаво, за мене, е што овие девојки ќе им бидат идоли на помладите девојчиња што тренираат и треба да бидат идни репрезентативки, затоа што покажаа како се бори и како се гине за дресот со државниот грб на терен – истакна Ашаданов.
Најефикасна во нашите редови беше Американката со македонски пасош, Мерит Хемпем со 25 поени, која беше потпомогната од Илина Селцова, која запиша 17 коша, пет скока и три асистенции.

- Се боревме, покажавме дека можеме од самиот старт и како што ни рече тренерот на почетокот, го покажавме тој победнички менталитет. Заслужено го добивме овој дуел, со борба од првата до последната секунда. Секој што стапна на теренот, го даде максимумот и даде свој придонес за оваа прва победа. Ова е само почеток на нешто добро и убаво во нашата репрезентација – порача една од нашите најискусни кошаркарки во нашиот состав, Александра Стојановска, која придонесе со 15 поени на мечот.
За три дена, исто така во Скопје, во второто коло, Македонија ќе ја пречека селекцијата на Грција.
- За следниот меч, Грција е фаворит број еден во групата и игра на еврошампионатите по ред. Сакам да добиеме поддршка од публиката, а овие девојки сигурно ќе бидат мотивирани и ќе дадат сè од себе и на тој дуел – дополни Ашаданов.











