Македонската женска кошаркарска репрезентација ги почна подготовките за настап во квалификациите за пласман на Европското првенство, кои избраничките на селекторот Александар Ашаданов ќе ги стартуваат денеска (17ч.) против Данска во СРЦ „Кале“.
Поради повреда и приватни обврски, овој циклус ќе го пропуштат најискусните во нашиот состав, Ивана Кметовска и Цветанка Димова.
- Нè очекуваат доста тешки натпревари со екипите на Данска, Грција и Хрватска. Но, да одиме чекор по чекор. Играме против Данска, репрезентација која играше доста добро во претходните квалификации. Но, нашата примарна цел е овој циклус да го отвориме со победа, изјави селекторот Ашаданов пред почетокот на новата квалификациска сесија.
Македонските кошаркари ќе играат во групата Ф во која се и репрезентациите на Грција и Хрватска. Веќе во сабота следува нов дуел за нашата селекција, кога ја пречекуваат Грција, а ноемврискиот циклус ќе го заокружат со дуел на гостински терен против Хрватска, во вторник во Славонски Брод.











